Тажна вест – естрадата завиена во црно.
Во Сараево, во 71. година од животот, од рак почина фолк-ѕвездата Халид Бешлиќ. Тој остави зад себе многу хитови слушани на целиот простор на поранешна Југославија. Неговиот мегахит „Не ги сакам дијамантите“ беше еден од најомилените и кај нашата македонска публика, која можеше во живо да го слуша Бешлиќ пред две години, на концертот во Скопје. Нашиот Миле Кузмановски успешно го сними неговиот евергрин „Први пољубац“ (Првиот бакнеж) во македонска верзија.
Роден е во 1953 година, во селото Врапци во Босна. Таму и израсна како дете, а потоа патот го доведе во Сараево, каде што почна професионално да се занимава со музика. Со текот на годините, стана голема југословенска естрадна ѕвезда. Во приватниот живот, беше во брак со саканата Сејда, со која го има синот Дино. По веста за смртта на Бешлиќ, многу негови колеги пејачи, преку социјални мрежи, испраќаат пораки со длабоко сочувство, споделувајќи ги спомените од заедничките концерти што ги имаа од Охрид до Блед.
Инаку, Халид со години наназад имаше сериозни здравствени проблеми. По тешката сообраќајна несреќа во 2009 година, го загуби окото, а набргу потоа се соочи и со проблеми со црниот дроб и со бубрезите. До последниот ден од животот, беше голем оптимист, надевајќи се на стопроцентно оздравување. Сепак, лошата судбина одлучи тоа да биде сосема поинаку. Семејството на Халид деновиве ќе го соопшти датумот на неговиот погреб.