Врвен интелектуалец, поет и преведувач, македонски писател кој припаѓа на првата повоена генерација, син на Стале Попов, кој на македонски најдобро ги препеа „Сердарот“ и „Божествената комедија“. Неговите препеви се сметаат за стандард во македонската книжевност поради верноста кон оригиналот и поетската моќ на јазикот
-Во деведесет и петтата година од животот на 30 декември 2025 г. нè напушти најстариот член на писателската асоцијација, Георги Сталев Поповски: поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки. Вечна му слава!, соопштија од Друштвото на писателите на Македонија.
Георги Сталев Поповски (Витолиште, 22 април 1930 – Скопје, 30 декември 2025) се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика. Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Еден е од првите членови на Македонскиот П.Е.Н. центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956). Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978-1982). Добитник е на голем број награди, помеѓу кои (двапати) наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ (МЕС-Сараево, 1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на град Скопје „13 ноември“.
-Георги Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски, кој се вгради во дејноста на Филолошкиот факултет и како исклучителен професор, но и како книжевен историчар, критичар и еден од најактивните книжевните преведувачи“, посочуваат од Филолошкиот факултет.
Автор е на пет поетски книги, пет драмски текста, два романа, една книга раскази, многу препеви, преводи и критички есеи. Покрај препевите на Пушкин, Лермонтов, Прешерн, Гундулиќ…, „како животно дело во оваа област Сталев ги смета ‘Божествената комедија’ од Данте Алигиери, комплетната поема ‘Странствувањата на Чајлд Харолд’ од Гордон Бајрон, Антологијата на француската поезија од нејзините почетоци до крајот на 19 век“.
-Како студент од трета година го објавува својот прв (и последен) превод на прозен текст (Спроти новите дни од Иван С. Тургењев, директно од рускиот оригинал) … Непосредно пред дипломирањето на факултетот, за одбележувањето на шеесетгодишнината од смртта на Григор С. Прличев, од печат излегува првото издание на препевот на „Сердарот“ од оригиналот, со помошта на неговиот татко Стале Попов. Овој препев, со мали варијанти на корекција и дополнување, и денес живее како лектира во средните училишта. Интересно да се спомене дека бугарскиот и англискиот препев на „Сердарот“ се направени од македонскиот препев на Сталев. Интересот за препевање поезија исклучиво во врзан стих оттука се проширува и кон теоретскиот дел на версификацијата, од што произлегла и неговата докторска дисертација, додаваат од Филолошкиот факултет на УКИМ.
Георги Сталев Поповски е и еден од авторите на збирката раскази „Она што се памети живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ (2025), во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на таткото Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.












