Ерик Дејн, актерот најпознат по своите улоги во сериите „Вовед во анатомија“ и „Еуфорија“, почина помалку од една година откако откри дека има амиотрофична латерална склероза (АЛС). Имаше 53 години.
Амиотрофичната латерална склероза (АЛС), позната и како Лу Геригова болест, е прогресивна невродегенеративна болест која ги уништува моторните неврони, предизвикувајќи слабост, мускулна атрофија и парализа. Најчесто ги погодува луѓето на возраст меѓу 55 и 75 години, а симптомите вклучуваат губење на контролата врз екстремитетите, говорот и дишењето, додека когнитивните функции обично се зачувани. Болеста е неизлечива.
Дејн го играше семејниот патријарх Кал Џејкобс во популарната тинејџерска драмска серија на HBO „Еуфорија“. Пред тоа, тој беше можеби најпознат како д-р Марк Слоун, или „д-р МекСтими“, во медицинската драма „Вовед во анатомија“, пишува Би-Би-Си.
На актерот роден во Калифорнија му беше дијагностицирана АЛС минатата година, а последните неколку месеци ги помина подигнувајќи ја свеста за најчестата форма на моторна невронска болест (МНБ).
Во писмената изјава се наведува дека ги поминал последните денови опкружен со пријатели и неговата посветена сопруга и двете ќерки, Били и Џорџија, „кои беа центарот на неговиот свет“.
„Длабоко ќе ни недостига и секогаш ќе се сеќаваме со радост. Ерик ги обожаваше своите обожаватели и засекогаш ќе биде благодарен за изливот на љубов и поддршка што ја доби“, се вели во изјавата
Актерот е роден во Сан Франциско во 1972 година, а своето телевизиско деби го имаше во серијата „Чудни години“ во 1993 година.
Беше во брак со колешката актерка и модел Ребека Гејхарт, со која имаше две деца.












