Џеси Џексон, истакнат американски борец за граѓански права и двократен кандидат за претседателска номинација од Демократската партија, почина на 84-годишна возраст, соопшти неговото семејство. Причината за смртта на Џеси Џексон не беше веднаш објавена. Неговото семејство објави дека починал опкружен со своите најблиски.
Во 2017 година, Џексон откри дека страда од Паркинсонова болест, објави Скај њуз.
Британската национална здравствена служба (NHS) наведува дека самата Паркинсонова болест не води директно до смрт, но може сериозно да го оптовари телото.
Роден на 8 октомври 1941 година во Гринвил, Јужна Каролина, Џексон се вклучил во политиката уште од млада возраст. Тој станал познат на пошироката јавност во текот на шеесеттите години како еден од водачите во организацијата на Конференцијата за јужнохристијанско лидерство, предводена од Мартин Лутер Кинг. Џексон бил со Кинг во Мемфис во 1968 година, кога познатиот активист за граѓански права бил убиен.
За време на неговата долга кариера, тој основал две значајни организации посветени на социјална правда и активизам – Операција PUSH во 1971 година и Националната коалиција „Виножито“ (подоцна коалиција „Виножито PUSH“) дванаесет години подоцна. Тој останал активен во јавниот живот и во подоцнежните години, застапувајќи се за правата на обесправените групи во Соединетите Американски Држави и низ целиот свет.
Џексон се кандидираше за претседателска номинација од Демократската партија во 1984 и 1988 година, а во текот на децениите доби повеќе од 40 почесни докторати и Претседателски медал за слобода во 2000 година од тогашниот претседател Бил Клинтон












