Брижит Бардо, пред сè, беше француска актерка и по малку пејачка, планетарно популарна. Во подоцнежните години од животот, таа стана активистка за правата на животните, живејќи на својот голем имот во Сан Тропе. Почина вчера, на 91 година, по подолго боледување од артритис, поради кое не можеше да се движи без патерици. Приватноста ѝ беше скандалозна и неколку пати безуспешно се обиде да се убие. Имаше напади на депресија и им зборуваше на најблиските за бесмисленоста на живеењето. Со својот единствен син, Николас, беше во исклучително лоши комуникации. Честопати зборуваше за него со навредливи зборови, велејќи дека е „како тумор што се шири во нејзиниот живот“. Поради тоа, тој ја тужеше, барајќи од неа финансиска отштета од 250 илјади француски франци!Бардо е родена во Париз, во предвечерието на Втората светска војна во 1934 година. Има растено во богато, традиционално католичко француско семејство. Како исклучително талентирана танчарка, ѝ беше овозможено да студира балет на престижниот Париски конзерваториум. Во исто време, започна кариера како фотомодел. Веднаш, на 15-годишна возраст, се појави на насловната страница на списанието „Eл“. Токму фотомоделството ѝ ги донесе првите филмски улоги. Се здоби со светска слава со филмот од 1956 година, „И Бог ја создаде жената“. Следните две децении ја сметаа за секс-симбол, при што го доби прекарот Секси Маче. На првата аудиција го запозна Роџер Вадим, со кого се омажи во 1952 година, веднаш по својот 18. роденден. Таа имаше низа помали, но сè позначајни улоги, вклучувајќи ја и онаа со Дирк Богард во британскиот хит „Доктор на море“ од 1955 година. Сепак, филмот на нејзиниот сопруг, Вадим, „И Бог ја создаде жената“, во кој таа игра избувлива тинејџерка во Сен Тропе, го запечати нејзиниот имиџ на светска филмска икона. Брзо стана инспирација и за уметниците и за интелектуалците. Меѓу нејзините познати обожаватели беа Џон Ленон и Пол Макартни, додека колумнистот Рејмон Картие ѝ посвети мегастатија. Во најтиражното списание, „Пари-Мач“, во 1959 година, Симон де Бовоар го објави својот познат есеј за неа – „Брижит Бардо и синдромот Лолита“, опишувајќи ја како жена со најслободен дух во Франција.На почетокот од 1960-тите, Брижит се појави во низа истакнати француски филмови, вклучувајќи ги „Вистина“ на Анри-Жорж Клузо, номинирана за „Оскар“, и во „Многу приватна афера“ на Луј Мал, како и во култниот „Презир“ на Жан-Лик Годар. Таа прифати и неколку холивудски понуди, вклучувајќи ја комедијата „Вива Марија“ заедно со Жана Моро во една од улогите, а има играно и во вестернот „Шалако“ со Шон Конери.
Паралелно, таа продолжи да ја гради и пејачката кариера. Ја сними оригиналната верзија на песната „Je T’Aime … Moi Non Plus“ што ја напиша Серж Генсбур за неа, во текот на нивната љубовна врска. Сепак, плашејќи се од скандал откако нејзиниот тогашен сопруг, Гинтер Сакс, дознал за врската, Брижит го замоли Генсбур да не ја објавува песната, која подоцна стана естраден хит. Меѓутоа, притисокот на светската слава ѝ стануваше сè потежок.

– Никогаш не бев подготвена за животот на некоја мегаѕвезда, сакав мир. Сакав да можам слободно да излезам на улица, да шетам или да сум во костим за капење на плажа. Секогаш морав да се кријам и од луѓето и од папараците – зборуваше Брижит пред да се збогува од филмската кариера.

И навистина се збогуваше во 1973 година, многу рано, на 39-годишна возраст, откако заврши со снимањето на филмот „Поучната и радосна приказна за Колинот“. Во подоцнежните пензионерски години, стана активна во борбата за планетарна благосостојба на животните. Во 1977 година им се придружи на протестите против масовниот лов на фоки. Во 1986 година ја основаше фондацијата „Брижит Бардо“ со цел да ги лекува и да ги заштити животните од смрт. Дефинитивно повлечена од глумата, почна да ѝ дава отворена поддршка на француската крајна десница. Тоа ѝ донесе низа правни проблеми и пресуди, беше сметано дека шири расна омраза, најчесто насочена кон муслиманите.

Во меѓувреме, во приватниот живот, Брижит Бардо беше во брак четири пати: со Роже Вадим (1952 – 1957), Жак Шарие (1959 – 1962), со кого го доби својот единствен син, Николас во 1960 година. Таа беше во исклучително лоши односи со синот. Честопати зборуваше за него со навредливи зборови, велејќи дека е „како тумор што се шири во нејзиниот живот“. Потоа беше во брак со Гинтер Сакс (1966 – 1969) и на крајот со Бернар д’Ормал, поранешен советник на Ле Пен, со кого се омажи во 1992 година. Имаше и низа бурни јавно познати љубовни врски со познати мажи, меѓу кои и со актерот Жан-Луј Трентињан и со музичарот Серж Генсбур. Сè на сè, приватноста ѝ беше скандалозна и неколку пати безуспешно се обиде да се убие. Имаше напади на депресија и им  зборуваше на најблиските за бесмисленоста на живеење.– И онака еден ден секој од нас ќе заминува од овој на оној свет. Дали ќе престане срцето да му работи или самиот ќе се убие, нема разлика.

На професионално поле беше многу активна. Брижит праќаше остри протесни писма до светските лидери поради истребувањето на кучињата во Романија, убивањето на делфините на Фарските Острови и колењето мачки во Австралија. Во својата книга од 2003 година, „Плачот во тишината“, таа промовираше десничарска политика преку која мошне безобразно ги напаѓаше хомосексуалците и наставниците. Особено не беше попустлива кон  „исламизацијата“ на француското општество.

– Во врска со застрашувачкото зголемување на имиграцијата во Франција, целосно ги споделувам ставовите на Жан-Мари Ле Пен – изјави тогаш Брижит за “Гардијан“.

Во писмото од 2006 година до тогашниот министер за внатрешни работи, Никола Саркози, славната актерка отворено кажа „дека со порастот на муслиманското население во Франција, се уништува нашата татковина“.                                                (Д. М.)                                                                                                                   (фото: архива-ФБ, Инстаграм, Твитер, Гугл)

 

ИЗДВОЕНИ