Почеток на крајот на етничкото гласање, Кичево го урна митот за поделби

Најавите дека овие локални избори можат да значат почеток на напуштањето на „етничкото гласање“ за кандидати од „своја“ националност почнаа и да се остваруваат откако во Кичево неколку илјади Албанци гласаа за кандидат – Македонец, Александар Јовановски, а Македонци гласаа за Албанци во Тетово, Струга, Дебар... Тоа покажува дека барем дел од гласачите сè повеќе се раководат од личниот кредибилитет на кандидатите, пред етничката припадност, вели аналитичарот Бесим Небиу за весникот ВЕЧЕР. Аналитичарите што ги консултиравме објаснуваат дека рекордно нискиот одѕив е резултат на разочараноста на граѓаните, но и дека градоначалниците имаат легитимитет кој ќе мора да го докажуваат низ работата

438
ОСМИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ЗАВРШИЈА И ОТВОРИЈА НОВИ ПОГЛАВЈА

 

Почеток на напуштањето на „етничкото гласање“, зајакната позиција на владината коалиција и преиспитување на најголемите опозициски партии, но и нова порака со рекордно нискиот одѕив што ја пратија граѓаните, а што дури отвора дилеми за легитимитетот на новите градоначалници… Сето ова се главните белези кои завчера го одбележаа финалето на осмите локални избори со одржувањето на нивниот втор круг. Учесниците во изборите беа со различни оценки и планови за иднина, но по гласањето во етнички мешани средини какви што се Кичево, Струга, Тетово, Дебар… на виделина излегува значителното поместување во начинот на гласање кога се работи за гласачите од двете најголеми етнички заедници во земјава – македонската и албанската. Најавите дека овие локални избори можат да значат почеток на напуштањето на „етничкото гласање“ за кандидати од „своја“ националност почнаа и да се остваруваат. Во Кичево, на пример, неколку илјади Албанци гласаа за кандидат – Македонец, Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој со 14.228 гласа го победи Фатмир Дехари од ДУИ, кој доби 12.202 гласа. Кичево, инаку, е град во кој, според пописот, живеат повеќе етнички Албанци отколку Македонци. Од друга страна, гласовите на етничките Македонци имаа значително влијание за победите на кандидатите – Албанци од редовите на коалицијата „Вреди“ или кои биле поддржани од неа во Тетово, Дебар, Струга… како резултат на договорот во владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“. Но, завчера имаше и спротивни однесувања со кои, на пример, во скопските општини Чаир и Сарај мнозинство етнички Албанци речиси воопшто не излегуваа да гласаат за избор на скопски градоначалник во дуелот меѓу Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ. Но, сепак, трендот на напуштањето на „етничкото гласање“ е начнат во Кичево и во другите општини.

Победа на соживотот и вербата во вредности

Премиерот Христијан Мицкоски на прексиноќешната прослава во Кичево порача дека таквиот изборен исход е најдиректен пораз на политиката на етноцентризам и етнички поделби.

– Падна митот дека Кичево е нивно или наше, мала или голема општина. Кичево е на кичевчани. Падна Фатмир Дехари. Народот се обедини против „раскалашеноста“, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Но и покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме од различни вери, различни припадници, против оние што го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и онаа политика што им е потребна на граѓаните. На ова треба да работиме. Победија соживотот и вербата во вредности. Ова е важен пример колку можеме да постигнеме кога сме обединети, нагласи премиерот Мицкоски.

Слична порака упати и Фатмир Лимани, кој како кандидат на коалицијата „Вреди“, отпадна во првиот круг.

– Крајот на еден режим нема да биде драматичен за граѓаните. Ние сме во 21 век. Ни треба разбирање меѓу себе. Разбирање со нашиот сосед од друга етничка припадност. Ни треба развој, а не жар на ера што е веќе завршена. Почнувајќи од утре, ќе започнеме со спроведување на проектите и на работните места што ги ветивме, за да ги држиме младите блиску до своите семејства – нагласи Лимани.

И политичките аналитичари сметаат дека започнатиот процес треба да се поддржи. Аналитичарот Бесим Небиу во изјавата за весникот ВЕЧЕР наведува дека е очигледно дека во Кичево се случи надетничко гласање.

– Доказ за тоа е фактот што, иако Албанците се помногубројни во општината, победи кандидат – етнички Македонец. Тоа покажува дека барем дел од гласачите сè повеќе се раководат од личниот кредибилитет на кандидатите, пред етничката припадност. Сепак, ова сè уште ќе го третирам како изолиран пример. За да биде трајна промената на политичката култура, „етничкото гласање“, посебно на локалните избори, треба да се надмине како доминантен образец. За да се случи тоа, ќе треба големите партии свесно да се откажат од користењето на таа матрица – нагласи Небиу.

Според аналитичарот Александар Ристевски, ова е одлична основа за да се сфати дека етничкото гласање нема логика.

– Односно, дека е и на штета на самите жители на одредена општина. Локалната самоуправа е да решава проблеми, а не да лечи комплекси и фрустрации. Народот покажа мудрост и доблест, но битно е што претставниците на најголемата политичка партија тоа го иницираа и го протуркаа како концепт. Другите ќе мора сега да се приспособуваат. Имаме нова реалност. Играње на карта делба, веќе не проаѓа – нагласува тој во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Аналитичарот Благојче Атанасоски, пак, ни рече дека вака „треба да биде и во иднина“.

– Но, исто така, и Македонците треба да слават заедно и со Албанците кои гласале за Александар Јовановски – смета тој.

А новиот кичевски градоначалник Јовановски беше директен:

– Не гласавте за мене како за Македонец, гласавте за мене како за човек, што ќе ви пружи подобра иднина. И верувајте, уште од утре тоа ќе се случи. Нема да правам никаква етничка, политичка, ниту, пак, верска разлика. Ние сите сме Кичевчани – порача Јовановски.

Сигнали до СДСМ и ДУИ да се реформираат

Од друга страна, крајот на изборите донесе голема загриженост во редовите на опозицискиот СДСМ, кој доби власт во шест општини, и на ДУИ, која има четири општини. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, прексиноќа рече дека во текот на изборите имало и притисоци и други неправилности.

– Следуваат промени во нашите редови согласно со сите демократски принципи. Бројките потврдуваат дека СДСМ е најголемата опозициска партија, а политичката битка продолжува за нашиот дом – нагласи тој.

Според лидерот на „интегративците“, Али Ахмети, пораката од гласачите е примена со почит и со одговорност, но додава дека резултати во одредени општини не се одраз на волјата на граѓаните.

– Ова е сложена порака, која ја прифаќаме со почит и со одговорност. Граѓаните покажаа дека веруваат во нашите вредности, во нашата визија, но во исто време бараат да го обновиме начинот на кој ги претставуваме овие вредности на терен. Резултатите во некои општини не се одраз на вистинската волја на граѓаните, туку последица на непринципиелни коалиции и привремени договори, кои го нарушиле духот на демократската конкуренција. Овие вештачки сојузи може да донесат краткорочни победи на хартија, но ќе имаат сериозни последици за напредокот и за достигнувањата досега, на локално ниво, и особено на национално ниво – нагласи Ахмети мислејќи, очигледно, и на напуштањето на „етничкото гласање“.

Според аналитичарот Небиу, одвие две партии добија јасен сигнал од гласачите.

– СДСМ и ДУИ добија јасен сигнал дека мора суштински да се реформираат, пред сè со нови луѓе за да се вратат на реалните потреби на граѓаните и да создадат нов наратив што ќе ги надмине партиските структури и клиентелизмот – објаснува тој.

Според аналитичарот Ристевски, пак, сега се покажува голем коалициски капацитет на ВМРО-ДПМНЕ, но власта не може да е комотна.

– Сите оние што се егзибиционисти и роварат однатре си добиваат „воспитна“. Власта треба да е функционална, исполнителна и стабилна. СДСМ и ДУИ се во тежок „нокдаун“, им се одбројува, и прашање на време е кога ќе бидат „нокаутирани“. Сè уште влечат бројки на гласови, кои во практиката не им носат ништо. Прашање на време е кога ќе почнат и да паѓаат надолу – наведува Ристевски.

И според аналитичарот Атанасоски, промените им се потребни и на двете партии.

–Треба да се реформираат, особено СДСМ, кој е на работ на егзистенционален опстанок. Ќе видиме какви процеси ќе следуваат во ДУИ, но факт е дека првпат оваа партија доживеа сериозен дебакл. Неминовни се процеси на промени – вели тој.

Од друга страна, фактот што кандидатот на Левица за скопски градоначалник, Амар Мециновиќ, освои значителни 61.475 гласови наспрема Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ со 95.572 гласови, во редовите на опозициската партија внесе чувство на оптимизам. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по изборите рече дека „опозициските тенденции во земјата се престројуваат зад Левица“.

Но, аналитичарот Небиу смета дека иднината на Левица е сепак неизвесна.

– Левица добива поддршка како протесна опција, но нејзината иднина ќе зависи од тоа дали ќе може да се профилира како зрела политичка сила, што во овој момент, секако, не е. Актуелната власт, пак, нема простор за комотност – напротив, резултатите се предупредување дека јавноста очекува промени и конкретни резултати – наведува Небиу.

Според Атанасоски, кандидатот Мециновиќ е морален победник.

– Не Левица, туку нејзиниот кандидат за Скопје, Мециновиќ, е морален победник. Оваа партија се утврди во скопските општини, особено во урбаните јадра и ќе има добар резултат на наредните парламентарни избори, токму во овие средини – смета овој аналитичар.

Излезноста на граѓаните во слободен пад

Вториот изборен круг донесе и рекордно ниска излезност на граѓаните, која со 41,24 проценти на ниво на земјата е најниска од независноста на Македонија. Во Скопје, таа изнесувала уште помалку – 35,33 проценти. Значително помалку од изборите во 2013 година кога изнесувала 67 отсто, а пред четири години 50,57 проценти. Завчера беше и голем бројот на неважечки гласови – цели 19.287, додека во првиот круг имаше повеќе од 50.000.

Аналитичарите сметаат дека нискиот одѕив и бројот на неважечки ливчиња се сериозна порака за политичката класа.

– Тие ги одразуваат недовербата и апатијата кај голем дел од граѓаните, кои не гледаат дека нивниот глас суштински менува нешто. Во формална смисла, градоначалниците имаат легитимитет, но политичкиот и моралниот легитимитет ќе мора да го градат преку транспарентна и отчетна работа. Ако не се случи тоа, очекувам да  продолжи овој негативен тренд, и сè повеќе да се намалува интересот на граѓаните да учествуваат на избори, наведува Бесим Небиу.

За аналитичарот Александар Ристовски, ниската излезност е логична во Скопје кога имате водство од 3 спрема 1 по првиот круг.

– Тоа ги одвраќа многумина да гласаат, во смисла на тоа дека работата е веќе завршена. Изборите беа готови во неколку општини, а во списокот има повеќе гласачи отколку жители. Легитимитетот е тој. Градоначалник на Скопје редовно се добива со 95.000 до кај 130 илјади гласа. Бројот на неважечки гласови е порака која мора да се земе предвид – објаснува аналитичарот Ристевски.

За Благојче Атанасоски, ниската излезност е предизвикана од апсолутна разочараност на граѓаните од понудата на политичките партии и кандидати.

– Како што ќе одминуваат годините, очекувам апатијата само да се зголемува – ни рече тој.

 ВМРО-ДПМНЕ освои 55 општини, „Вреди“ 9, СДСМ 6, НАИ 4…

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најголем победник на Локалните избори 2025, обезбедувајќи градоначалнички позиции во Градот Скопје и во вкупно 54 општини. Резултатите се сумирани по завршувањето на двата круга на гласање. По завршувањето на вториот изборен круг, кој се одржа вчера, распределбата на градоначалничките места меѓу политичките субјекти е следна:

ВМРО-ДПМНЕ (и Коалиција) Скопје + 54 општини, Коалиција „Вреди“9 општини, СДСМ (и Коалиција) 6 општини, НАИ 4 општини, Движење ЗНАМ 1 општина, Унија на Ромите 1 општина и Независен кандидат 1 општина. Во рок од 60 дена треба да се одржат нови избори за советите и за градоначалниците во четири општини каде што не ни успеа првиот круг на гласањето – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ