Советот на Европската Унија официјално усвои нова регулатива што ги забрзува и поедноставува процедурите за враќање на луѓето што престојуваат нелегално во ЕУ. Ова е прв пат на ниво на ЕУ да се воведе единствен сет правила, со кои се дефинираат обврските на нерегуларните мигранти, како и механизми што им овозможуваат на земјите-членки поефикасно да ги спроведуваат одлуките за депортација.
Според објавата на официјалната веб-страница на ЕУ, регулативата утврдува јасни процедури за враќање на државјани на трети земји од сите земји-членки на ЕУ, истовремено воспоставувајќи нови алатки за соработка меѓу државите. Исто така, им овозможува на земјите-членки, за прв пат, да отворат центри за враќање во трети земји, што претставува голема промена во европската миграциска политика.
Расмус Стоклунд, министер за имиграција и интеграција на Данска, која претседава со ЕУ, рече дека е воодушевен од усвојувањето на регулативата, бидејќи три од четири нелегални мигранти на кои им е издадена одлука за враќање остануваат во ЕУ наместо да се враќаат дома.
„Верувам дека новиот сет правила може значително да помогне во подобрувањето на овие бројки. За прв пат, државјаните на трети земји кои нелегално престојуваат ќе имаат обврски, а земјите-членки ќе имаат многу подобар сет на алатки. На пример, ќе бидат можни подолги притворања, а забраните за влез ќе бидат подолги“, рече Стоклунд.
Тој додаде дека регулативата ќе им овозможи на ЕУ и на една или повеќе земји-членки да склучат аранжман или договор со трета земја за центри за враќање.












