Сè беше соединето со богатата народна традиција и занимлива фестивалска концепција, а тоа се однесува на Меѓународниот тамбурашки фестивал „Тамбурица-фест 2025“ (или како што го ословуваат и со името „Тамбурашка Мондовизија“), кој по 18. пат се одржа во Нови Сад, Србија. Настапија многу познати пејачки имиња, не само од земјата домаќин, туку и од Унгарија, Грција, Хрватска, Франција, Црна Гора, Италија, Романија… Меѓу нив и најпознатиот и најомилениот пејач, Звонко Богдан, кого нагалено го нарекуваат „српскиот Френк Синатра“. По финалната натпреварувачка вечер тој одржа и одличен солистички концерт. Во прекрасниот амбиент на реката Дунав и градот Нови Сад, неговите околни салаши. И би кажале, ништо од тоа не е изненадување, се разбира, освен богатата фестивалска програма, што на фестивалот рамо до рамо со Звонко Богдан, настапи и убедливо победи претставникот на Македонија, кумановецот и естраден уметник Бобан Зафировски, попознат како Боби Амадеус. Тој триумфално ја освои првата награда за испеаната композиција „Новосаѓанка“. Песната ја испеа на македонски јазик со што предизвика воодушевеност кај публиката. Препевот од оригиналниот српски текст, на македонски, го направи познатиот Огнен Неделковски. Автор на музиката и аранжманот е Ѓорѓе Ковачевиќ.
– Главниот виновник, ако можам така да кажам, за мојот настап на овој значаен светски фестивал, за моето претставување пред тамошната избирлива публика, а воедно и да бидам претставник на мојата татковина Македонија, е никој друг туку најпознатиот кумановски пејач и уметник, големиот Нино Величковски. Неговата иницијатива за оваа соработка меѓу мене и фестивалот се покажа како непогрешлива, но и како оправдана, раскажа среќниот Боби Амадеус. (Д. М.)