Климатските промени предизвикуваат летата да стануваат сè пожешки, плус растот на населението на планетата ќе предизвика побарувачката за клима- уреди да расте. Предвидувањата на Обединетите нации се дека до 2050 година, побарувачката за клима-уреди ќе порасне тројно на глобално ниво.
Од ОН ја повикуваат меѓународната заедница да пронајде поодржливи решенија за ладење. Во извештајот на УНЕП, „Global Cooling Watch 2025“, ја предлагаат опцијата за таканаречено пасивно ладење, што вклучува подобар квалитет на дизајнот и изградбата на ѕидовите и покривите, засенчување, решенија за соларна енергија надвор од мрежата и вентилација
Климатските промени предизвикуваат летата да стануваат сè пожешки, плус растот на населението на планетата ќе предизвика побарувачката за клима-уреди да расте. Предвидувањата на Обединетите нации се дека до 2050 година, побарувачката за клима-уреди ќе порасне тројно на глобално ниво.
Во извештајот на УНЕП, „Global Cooling Watch 2025“, на маргините од климатскиот самит на ОН, COP30, кој се одржува во Белем, Бразил, се потенцира дека растечката побарувачка за системи за ладење, кои ќе бидат сè понеефикасни и сè повеќе ќе ја загадуваат околината, ќе ги удвои емисиите на стакленички гасови поврзани со ладењето, споредено со нивоата во 2022 година.
– Побарувачката за климатизација може да се зголеми трипати до 2050 година. Сепак, милијарди луѓе сè уште нема да добијат соодветна заштита од топлината. Треба да ги преформулираме концептот на ладење и употребата на уреди за ладење, не како извор на емисии на стакленички гасови, туку како основа на отпорноста на топлина и на одржливиот развој – се вели во соопштението.
Директорката на УНЕП, Ингер Андерсен, прогнозира најбрз раст на побарувачката за опрема за ладење во Африка и во Јужна Азија.
– Со смртоносните топлотни бранови, кои стануваат сè почести и поекстремни, пристапот до ладење мора да се третира како суштински дел од инфраструктурата, заедно со потребата од услуги за вода, енергија и санитација – потенцира таа и нагласува дека излезот од топлотната криза не е само со климатизација, бидејќи тоа би ги зголемило емисиите на стакленички гасови, како и трошоците.
Од ОН ја повикуваат меѓународната заедница да пронајде поодржливи решенија за ладење. Од УНЕП ја предлагаат опцијата за таканаречено пасивно ладење, што вклучува подобар квалитет на дизајнот и изградбата на ѕидовите и покривите, засенчување, решенија за соларна енергија надвор од мрежата и вентилација.
– Потенцијалното влијание на стратегиите за пасивно ладење врз внатрешните температури се движи од 0,5 до 8 Целзиусови степени. Пасивните енергетски ефикасни решенија и решенијата базирани на природата може да помогнат во задоволувањето на растечката глобална потреба за ладење и за заштита на луѓето. Тие, исто така, би ја задоволиле потребата за заштита на синџирите на исхрана и на економиите од растечката топлина додека се стремиме да ги исполниме глобалните климатски цели – рече Андерсен.
Извештајот за ладење и за климатизација сугерира дека усвојувањето вакви мерки би можело да ги намали емисиите на 64 проценти под проектираните нивоа во 2050 година.
(С. Бл.)












