Побарана отштета за загубената надеж на 222 оштетени од коруптивниот синџир кој ги зароби младите во дискотеката на смртта

Адвокатите го нападнаа обвинението за Пулс, фалично со несредена листа на докази

317

Со шест полициски комбиња обвинетите, меѓу кои и сопственикот на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов, беа донесени од затворите каде го издржуваат притворот на второто рочиште од судењето за најголемата трагедија што и се случи на земјата, пожарот во Кочани. Семејствата на загинатите млади луѓе во дивата дискотека немо го следеа спроведувањето до судницата што се наоѓа кај затворот „Идризово“. Гневни се на дел од адвокатите од Кочани кои се нафатиле да ги бранат обвинетите од нивниот крај, освен сопственикот, општински инспектори, поранешни градоначалници…

фото: П.Стојановски

Дел од родителите носеа маички со ликовите на нивните загинати деца. Јулија Златкова мајка на загинатиот Томас пред да почне судењето кажа дека се надева оти судијката Диана Груевска ќе продолжи да го води процесот како што почна, праведно и фер.

“Повеќе од осум месеци живееме во агонија, а сега имаме искра надеж oд неа и по воведниот збор на обвинителот. Никој не растел дете за да стане херој, туку човек. Нашите деца ја платија цената на коруптивниот систем, а ние ја плаќаме цената со нивните изгубени животи. Насилно им ја прекинаа младоста и иднината. Бараме правда, обвинети со имиња и презимиња. Кој му помогна на монструмот во убиството, праша мајката на починатото момче.

Златкова и другите семејства на починатите и повредените кои се оштетени во катастрофалниот пожар во клубот „Пулс” во Кочани кој одзеде 63 млади животи, на второто судско рочиште се приклучија кон кривичниот прогон и ќе можат да го остварат правото на оштета преку граѓанскиот суд. Вкупно 222 оштетени од коруптивниот синџир кој ги зароби младите во дискотеката на смртта.

Иако се очекуваше на судењето обвинетите да се изјаснат по прашањето дали се чувствуваат виновни или не, за кривичното дело по кое се обвинети, сепак тоа не се случи бидејќи нивните бранители забележаа дека нивните клиенти не го добиле споеното обвинение и новата листа на докази.

Адвокатите го критикуваа интегрираното обвинението кое настана со спојување на големиот предмет со тој за сопственикот на обезбедувањето „Рубикон“.

„Ова е ново обвинение и дали треба да оди на нова оценка, најголемата трагедија во Македонија не смее да биде покриена со неправда.“, адвокатите го нападнаа обвинителниот акт и листата на докази според кои  била хаотична. Од последните редови на судницата кои се обезбедени за семејствата се слушна „Е браво“, како реакција на барањето на бранителите.

Обвинителот Борче Јанев од кочанското обвинителство рече дека не станува збор за ново обвинение бидејќи нема додавање на обвинети, нема нови кривични дела ниту пак е сменет описот на случувањата. Потоа судечкиот совет на чело со судијката Дијана Груевска-Илиевска се повлече и за дваесетина минути одлучи по бројните приговори на адвокатите на обвинетите. Не се согласи со сите забелешки на обвинетите. „Сметаме дека не станува збор за ново обвинение бидејќи во интегрираното не се воведени нови дејствија и обвинети, местото на извршување е тоа, не е сменета фактичката состојба и нема нова правна квалификација. Во однос на времето на сторување на кривичното дело, првично е за сите обвинети, но натаму е прецизирано за секој обвинет посебно, рече судијката Груевска.

Одбраната ќе ги доставува своите докази за време на воведниот збор, адвокатката на газдата Дејан Јованов најави дека ќе бара да сведочат оштетени  кои обвинителството не ги предложило да сведочат на глава расправа.

„Ако одбраната смета дека треба да бидат испитани и други сведоци, имаат право да си ги предложат. Имаше повредени кои не беа повикувани поради опасност од инфекции, кажа обвинителот Јанев.

Судењето се одложи за една недела да имаат време обвинетите да го прочитаат интигрираното обвинение за да можат да се изјаснат за вина.

За катастрофалниот пожар во земјава што се случи на 16 март а во кој изгореа 63 млади, а над 200 беа повредени, обвинети се: газдата на „Пулс“ Дејан Јованов-Деко, Митко Стојанов, синот на газдата Михаил Јованов , Гроздан Милчковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Коцев, поранешните градоначалници на Кочани Ратко Димитровски, Николчо Илиев, Љупчо Папазов, понатаму ,Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Стојанчо Димитријев, екс директорот на ДЗС Шабан Салиу, Мартин Георгиев, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џевад Селами, Љупчо Грнчиштанов, поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши, потоа Џеваир Камбери, Шевкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Хасапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кизмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, газдата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ Александар Нацев. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ