– Како Македонци, секогаш сме позитивно прифатени и заемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за идни позитивни примери – истакнуваат претставниците на македонската заедница во Хрватска
Во Република Хрватска, предметот Македонски јазик и култура го изучуваат 108 ученици, во осум основни училишта што се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и во Сплит, како и во три гимназии во Загреб, Риека и во Осиек, а деновиве таа можност ја добија и учениците од градот Света Недела, во непосредна близина на Самобор.
Предметот го учат припадниците на македонското национално малцинство, но и други ученици. Предметот е изборен и се внесува во свидетелствата. Со ова, Република Хрватска се вбројува во редот на ретките земји што овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, а кои се признаени и во самиот Устав.
– Како Македонци, секогаш сме позитивно прифатени и заемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за идни позитивни примери – истакнуваат претставниците на македонската заедница во Хрватска.
Инаку, иницијатор е професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која веќе го предава предметот во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.
Со поддршка од заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ, како и со помош од Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, дојде до реализација и почнување на програмата.
Присутните на почетокот од наставата сведочеа за насмевките и исполнетите желби на најмладите, кои од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа тој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и од пријателите што ги имаат во своето училиште, што е само доказ дека во обичниот живот на Македонците во дијаспората може да се случат убави и важни настани.
На работниот состанок што се одржа во училиштето во Света Недела присуствуваа и: македонскиот амбасадор, Драган Ѓурчевски; советничката за култура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и началникот на Секторот за малцинства при Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, Милан Вукелиќ. Домаќини на настанот беа: директорот на подрачното училиште „Стрмец“, Ѕвонимир Маркиќ, кој од самиот почеток со голема радост ја прифати идејата за остварување и реализација; градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец; заменик-градоначалникот, Марио Пшеничњак, и советничката за односи со јавноста и протоколи, Ања Блажина-Болјевиќ.
На состанокот, од страна на Вукелиќ беше нагласено дека Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска континуирано дава поддршка за развојот на образованието на јазикот и писмото на националните малцинства. Тоа е начин на кој се создава инспиративна средина, каде што слободно учиме едни за други и едни од други.
Донација во книги од Македонија

Само по еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и македонската култура, се случи првата донација од Македонија за училиштето. На Меѓународниот ден на дарувањето книги, 14 Февруари, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, издавачката куќа „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот. Со ова, „Матица македонска“ повторно и со личен пример го поттикнува дарувањето како чин на развивање љубов кон книгата и како влог за овозможување пристап до книгите за децата во светот.
Преку донацијата, голем број дела од историски значајни македонски автори, современа македонска поезија и проза и дела од македонската книжевност за деца ќе им бидат достапни на учениците и на просветните работници, со цел во исто време да се развива љубовта кон книгата, кон македонскиот јазик и кон Македониј












