По премиерата и четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифати претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека ќе гостува со неа и во Охрид. Македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август од 21:00 часот, во Центар за култура „Григор Прличев“. Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и на „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.

Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ. Сценографијата на претставата е на Лазе Трипков, костимографијата на Александар Ношпал, композицијата на Владимир Пејковиќ, сценското движење на Дамир Клемениќ, а преводот на Соња Должан.

Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972, во период на бурни историски движења и под влијание на сексуалната револуција и пролетта 1968. Претставата пулсира со живата еротика, младост и со незаситна страст, но меѓу редови се насетуваат и празнината и суетата на општеството што трча по уживање“.

Од Драмски посочуваат дека претставата, по премиерата на 10 август, била изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и дека секоја изведба наишла на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградила екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и за исклучителната сценска атмосфера.

По настапот на „Охридско лето“, претставата „Животот на провинциските плејбои…“ кон крајот на август ќе го продолжи своето гостување во Хрватска, на фестивалот „Лето на Бриони“.

ИЗДВОЕНИ