По три години затвор за тројцата обвинети

Пресуда за палењето на депонијата Врадариште

70

Основниот Кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни тројцата обвинети, Максуд Мемиши, Алмир Асани и Флорим Арифи, за палењето на дивата депонија Врадариште и им одреди казна затвор од три години. Осудените создале депонија која предизвикала опасност по здравјето на луѓето и загадување на земјата и воздухот. Во образложението на пресудата беше наведено дека тие иако немале ниту фирма ниту дозвола откупувале отпад односно старо железо, акумулатори и други материјали на импровизирани пунктови спротивно на Законот за управување со отпад и Законот за животна средина. Собраниот отпад го складирале на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје а дивите депонии биле опасност по здравјето на граѓаните и ја загадиле на животната средина.

На претходното судење тројцата обвинети признаа вина за загрозување на  животната средина, но не и за предизвикување на пожарот на дивата депонија.

Според обвинението, тие од 2020 до септември 2025 година нелегално откупувале старо железо и друг отпад без дозвола, при што непрописно го складирале и транспортирале отпадот, создавајќи диви депонии. Нивната одбрана, смета дека нема докази оти пожарите на депонијата биле на местото каде што бил фрлан отпадот на обвинетите. Пожарот што избувна на дел од локацијата дополнително го привлече вниманието на надлежните институции. Во меѓувреме граѓаните на скопската населба Аеродром секојдневно протестираат за затворање на депонијата и институционално решение.

Казната затвор за делото што го сториле според законот е од три месеци до три години. Од судот истакнаа дека иако обвинетите не биле претходно осудувани, сите се со семејства и невработени како олеснителна околност, сепка загадувањето на животната средина и загрозувањето на здравјето на жителите се смета како отежителна околност при изрекување на пресудата. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ