По третпат уапсен тинејџерот џихадист со македонско потекло, планирал убиства и бомби во Австрија

Не помогнале ниту мерките за дерадикализација

289

Младо момче со македонско потекло, заедно со пријател од Чеченија, е повторно во затворски притвор во Австрија под сомнение за тероризам, објави весникот „Кронен цајтунг“. Осумнаесетгодишниот со потекло од земјава и неговиот ментор од Чеченија од претходно им биле познати на австриските истражните органи, пред две години од судот во австрискиот град Лебен биле осудени заради планирање напад на средно училиште. Затворските казни им биле изречени по доказите на Обвинителството дека имале намера да воспостават калифат во Австрија со предумисла да убиваат луѓе со христијанска вероисповед.

Едниот од двајцата, сега 18-годишен, бил предвремено ослободен откако отслужил две третини од казната и според судот, ги следел упатствата, како што биле мерките за дерадикализација и психотерапија. „Се чини дека оваа рехабилитација целосно пропадна“, пишуваат австриските медиуми и додаваат дека според најновите сомневања, очигледно планирале нови, специфични терористички напади. Според канцеларијата на јавниот обвинител, едниот од нив повторно покажал јасни знаци на радикализација, бил уапсен за наводно планирање масакр со полуавтоматски пиштол и барање од познајник да му даде однапред пари за да купи оружје, објавува „Кронен“. Младичот со чеченско потекло одбивал да соработува со истражителите, а неговиот соучесник, кој му бил практично како чирак, бил уапсен на македонска граница кон крајот на август, откако се враќал од посета на земјава. Обвинет е за нови, сериозни планови за напади, вклучувајќи и употреба на бомби. Тој е повторно во затвор по условната казна од првото судење, пишуваат австриските медиуми.

Весникот ВЕЧЕР веќе пишуваше за апсењето на младиот човек со македонско потекло, кој пред неколку месеци беше уапсен во неговиот дом од страна на австриската полиција, веднаш по враќањето од посетата во земјава, каде што бил заедно со неговото семејство. Полицијата го открила дека пребарувал на интернет како да направи бомби со кои планирал да нападне институции. Тамошната полиција соопшти дека уапсеното лице е приврзаник на терористичката организација Исламска Држава и дека неговите планови биле сериозни.

Тогаш, Австрија, која има остра политика со имигрантите за кои ќе открие дека дејствуваат екстремистички, го врати 21-годишниот гостиварец во Македонија, а набрзо потоа тој беше уапсен заедно со уште три други лица заради подготвување терористички акции. Причините, според сознанијата, биле верски екстремизам и радикализам.

Минатата година, австриската полиција го уапси и 19-годишниот Беран Алији, кој живее во градот Терниц, а чие семејство, исто така, потекнува од Гостивар. Беран беше приведен заради основани сомневања дека подготвувал терористички напад за време на концертите на музичката ѕвезда Тејлор Свифт во австриската престолнина. Апсењата потсетуваат на терористичкиот напад од ноември 2020 година, исто така во Виена, кога 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, по потекло од Македонија, уби четворица и повреди уште 23 лица.

Безбедносните експерти за ВЕЧЕР објаснуваат дека младите имигранти од Балканот се честа цел на сите терористички организации бидејќи кај нив наоѓаат погодна почва за ширење на својата идеологија. Веќе економски обезбедени во западноевропските земји, тие лесно примаат и извршуваат наредби преку интернет, односно се лесна цел на индоктринација. Преку нив, полесно се шири и мрежата во одредени региони и се воспоставуваат ќелиите кои се мали и сочинети од 3 до 5 лица. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ