Доза оптимизам дека ќе се најде правично законско решение за условите за учеството на независните кандидати на локалните избори добија претставниците на граѓанските организации, на денешната средба со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. На средбата во македонското Собрание, тие дојдоа со ставот дека мора да се изнајдат други решенија наместо она што сега чека на усвојување од страна на пратениците.
– Лично јас сега сум поголем оптимист дека ќе се најде решение за наше учество на изборите. Односно, барем сакам да верувам во тоа. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ни рекоа дека сакаат да се најде решение и дека нема да биде во ред да дојдат изборите и да поминат со недефинирани правила. Потенцираа и тоа дека се посветени да се најде решение за проблемот – ни изјави вчера Невена Георгиевска, независен советник во Општина Карпош од граѓанската организација „Независни за Карпош“.
На средбата беа и претставниците на граѓанската организација „Шанса за Центар“, како и од Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество. Тие разговараа со пратениците од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ – Бојан Стојановски, Дафина Николовска и Љупчо Пренџов.
– Најважно е да се определат јасни услови и да нема правна празнина околу процедурите за наше учество. На партиите останува да се договорат околу прифатливото решение. Ако се донесе прифатливо решение, но ако не се изгласа тоа на крајот поради отпорот на некоја од партиите и неможноста да се обезбеди Бадентеровото правило, тогаш таа партија ќе биде одговорна во очите на јавноста – потенцира Георгиевска.
Претставникот на Институтот за демократија, Миша Поповиќ, кажа на средбата дека условите што се предложени не се демократски и во духот на препораките на Венецијанската комисија.
Инаку, предлогот за ново законско решение зад кое стојат најголемите партии, ВМРО-ДПМЕ, СДСМ и други, веќе ја помина собраниската процедура и чека усвојување. Но, поради необезбедениот принцип на Бадентеровото мнозинство, новите законски одредби сè уште не се усвоени.
Претставниците на повеќе граѓански организации неодамна алармираа дека на само две и пол недели до одењето на пратениците на колективен одмор и три недели до распишувањето на локалните избори, не се знаат условите за кандидирање на независните кандидати. Тие предупредија дека доколку остане ваквата ситуација, ќе се доведат во прашање уставно гарантираните права на илјадници граѓани и дека тоа ќе биде преседан во историјата на државата. (Б. Ѓ.)