Градењето мостови со луѓе што се грижат и се залагаат за единство на православието е во основата на завчерашната заедничка литургија на митрополитот лавовско-галициски, Филарет, од Украинската православна црква и струмичкиот митрополит, Наум. Богослужбата со која раководеше украинскиот митрополит, а на која сослужуваа владиката Наум и викарниот епископ стобиски, Јаков, во манастирот во Водоча, предизвика особено внимание во јавноста. Тоа се случи откако во саботата владиката Филарет присуствуваше на литургијата по повод празникот Илинден, со која раководеше македонскиот архиепископ, г.г Стефан, и се причести. Вниманието на јавноста се насочи кон службата во струмичкиот манастир Водоча, бидејќи станува збор за прво јавно сослужување на архијереите на МПЦ-ОА со некој од канонската епархија на УПЦ-МП. Оваа Украинска црква беше дел од Руската православна црква, но по руската агресија во Украина во 2022 година, прогласи своја самостојност и независност од црковна Москва. Но, нејзината епархија и натаму е канонска и признаена од другите православни цркви.
Митрополитот лавовско-галициски, Филарет, досега, во своите јавни настапи повеќе пати критички ја апострофирал улогата на црковна Москва, сметајќи дека многу свештеници и мирјани веќе не сакаат зависност од Русија и од патријархот Кирил. Филарет е иницијатор за прекинувањето на спомнувањето на рускиот патријарх, Кирил, во молитвите во неговата епархија уште пред Архијерејскиот собор на УПЦ‑МП во мај 2022 година, со кој оваа Црква самопрогласи автокефалност. Иако неговата црква е во отворен конфликт со Православната црква на Украина, која доби автокефалност од Вселенската патријаршија, сепак, Филарет неколку пати јавно се залага за отвореност и за „рамноправен и мирен дијалог“ со ПЦУ и со УГКЦ, сметајќи дека е можно обединување на сите православни цркви во една.
– Митрополитот Филарет не е првпат во Македонија. Тој и минатата година беше во посета на Дебарско-кичевската епархија, кога се сретна со тогашниот владика, Тимотеј, и со епископот Партениј. Посетил и повеќе други манастири и се сретнал и со други архијереи. Тој, по Скопје, сакаше да ја посети и Струмичката епархија, каде што се одржа заедничка литургија. Секоја ваква средба и заедничко служење е добро за единството на православието – ни изјавија денеска во МПЦ-ОА.
Во Македонската црква особено го потенцираат и тоа што го примаат украинскиот митрополит и во Грчката православна црква.
– Тој е со задоволство примен и на Света Гора, која е под директна јурисдикција на вселенскиот патријарх, Вартоломеј, а истовремено се залага за единство на православието во Украина – објаснуваат нашите извори.
Во едно свое интервју, украинскиот митрополит, Филарет, рече дека мора да се зборува за единство на православието.
– Тоа е долг пат, но тоа е пат на мир и љубов. Нашата главна цел не треба да биде структурата. Не е толку важно да зборуваме за обединувањето на УПЦ и на ПЦУ. Мора да зборуваме за единството на православието како такво, како цела институција, како цела црква. По анексијата на Крим, се обратив до претседателот на Русија со апел да се запре анексијата и да се повлечат вашите трупи оттаму. На првиот ден од агресијата во Донбас, ја нареков оваа агресија војна на Русија против Украина. Ние гледаме не само ужасна туку и предавничка војна, геноцид против украинскиот народ и против нашата света земја. Ако велиме дека градиме нова црква, мора да помогнеме да се следи овој нов пат и, конечно, да се обедини целото украинско општество. И нека ни помогне Господ во тоа! – изјави тој на почетокот од руската агресија во Украина.
До неговата посета доаѓа во ситуација кога Вселенската патријаршија бара од МПЦ-ОА да ја признае другата црковна групација – Православната црква на Украина и на која Фанар ѝ има дадено томос за автокефалност. Украинскиот митрополит, Филарет, припаѓа на другата црковна заедница – Украинската православна црква, но силно се залага за единство на православието како во својата земја така и пошироко. Можеби тука треба да се бараат и други мотиви за првото заедничко служење на македонските владици и на овој украински митрополит. (Б. Ѓ.)