ПО СКАНДАЛОЗНО ОДНЕСУВАЊЕ: Директорот Идризи доби жолт картон од премиерот, следната грешка ќе значи разрешување

7213

Директорот на Инспекторатот за јазици, Арсим Идризи, доби опомена од премиерот Христијан Мицкоски по скандалозното одбивање да зборува и на македонски јазик во Собранието. Претходно, неговиот потег со кој одби да зборува на македонски јазик пред новинарите предизвика жестоки реакции во јавноста. Премиерот Мицкоски денеска соопшти дека таквото однесување веќе нема да се толерира.

– Ако мислите на моментот кога во рамките на парламентот директорот не се обраќаше на македонски јазик, јас разговарав со него и не очекувам дека тоа ќе се повтори. Ако се повтори ќе биде разрешен – рече Мицкоски.

Тој беше запрашан од новинарите дали Идризи ќе биде разрешен или ќе помине само со опомена, откако одби на новинарите да им се обрати на македонски јазик, туку говореше само на албански јазик.

Арсим Идризи, на 3 јуни одржа средба со координаторите на пратеничките групи за да ги слушне предлозите за решение во врска со инспекторите кои шест месеци се без плата. Во неговото обраќање, тој зборуваше само на албански јазик. Тогаш новинарите побараа изјавата да ја пренесе и на македонски јазик, бидејќи, во спротивно, еклатантно го крши Законот за употреба на јазиците кој треба да го штити. Но, Идризи одговори дека според истиот тој Закон за употреба на јазиците треба да добие и преведувач.

На ваквиот негов потег жестоко реагираше вицепремиерот и министер за политички систем, Иван Стоилковиќ, кој во едно телевизиско интервју порача дека уште на следната владина седница Идризи ќе биде разрешен од функцијата.

-Во вторник, на идната седница на Владата, 99 отсто сигурно ќе биде разрешен –рече Стоилковиќ.

Но, лидерот на Беса, Билал Касами од коалицијата ВРЕДИ, рече дека тоа е „избрзана изјава“ од страна на Стоилковиќ. Според Касами, предлозите за разрешување треба да доаѓаат од истите партии кои ги даваат и предлозите за именување. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ