EPA/ALEX PLAVEVSKI

Холгер Руне се подготвува да се врати на теренот. Пред околу два месеци, кога ја скина Ахиловата тетива во Стокхолм, прогнозите беа дека ќе трае паузата околу половина година, но тој веќе прави планови за моментот кога повторно ќе стапне на игралиштето. Сликите од него како прави разни вежби речиси веднаш по операцијата веќе предизвикаа изненадување. Руне не крие дека сака да ја искористи максимално оваа несреќа.

– Кога ќе се вратам на теренот, сакам да бидам многу поподготвен отколку што бев. Затоа работам на зајакнување на горниот дел од телото уште од првиот ден, многу повеќе внимавам на исхраната. Млад сум, мислам дека сè ќе зависи од мојот начин на размислување. Фактот што сум позитивен ќе помогне повредата побрзо да заздрави – вели за „Спортс илустрејтед“ 15. тенисер во светот, кој беше четврти пред две години.

Данецот има 22 години, исто како и Карлос Алкараз, најдобриот тенисер во светот.

– Сега имам време да стигнам до мојата најдобра верзија. Кога бев дете, сонував да бидам прв во светот. Сигурен сум дека ако се прашав себеси од тоа време дали сум задоволен од она што го постигнав, одговорот би бил не. Затоа ќе направам сè што е во моја моќ да бидам прв во светот по секоја цена.

Ова, секако, значи дека Данецот верува оти може да го загрози сегашниот водечки тандем.

– Мојот план е да ја прекинам доминацијата на Карлос Алкараз и на Јаник Синер. Она што треба да го направам е да ја избегнам стапицата и да не се мачам со тој план. Најдобриот совет што го добив беше да не брзам.

За разлика од многу тенисери што го користат времето за закрепнување, за да се одморат од тенисот, кај Руне не е така.

– Ги гледав натпреварите од Париз и од Торино, а ќе ги гледам и од Отвореното првенство на Австралија. Јас сум љубител на тенисот и сето тоа ме прави уште погладен за успех – вели Руне.

Тој сè уште не споменува кога би можел да се врати на турнирите, но е голем оптимист.

– Закрепнувањето оди побрзо од очекуваното. Пред да пристигнам во Доха, каде што е сега мојата база, одев во специјални обувки. Сега заминувам во обични обувки со малку подигнати потпетици.

ИЗДВОЕНИ