фицијално е објавен почетокот на снимањето на продолжението на популарниот филм „Ѓаволот носи Прада“. Во оригиналниот филм, објавен пред речиси дваесет години, главните улоги ги играа Мерил Стрип и Ен Хатавеј. Според информациите објавени од „Variety“, двајца членови на оригиналната екипа – Емили Блант и Стенли Тучи – ќе се појават во продолжението заедно со Мерил Стрип и Ен Хатавеј. Нов член на екипата е британскиот актер и режисер Кенет Брана.
Мерил Стрип ќе ја повтори својата улога на строгата и харизматична главна уредничка, Миранда Пристли, додека Ен Хатавеј ќе ја повтори својата улога како амбициозната новинарка Енди Сакс. Емили Блант се враќа како Емили Чарлтон, додека Стенли Тучи ја повторува својата улога како Најџел Киплинг. Кенет Брана ќе го игра сопругот на Миранда Пристли.
Веста беше потврдена преку социјалните мрежи, на „20th Century Studios“, од каде што објавија краток тизер на „Инстаграм“ со препознатливите црвени потпетици.
Детали не се објавени, но приказната наводно ќе се фокусира на Миранда Пристли и на нејзините професионални предизвици во време кога печатените медиуми ја губат својата доминација. Во ова продолжение, Миранда ќе се соочи со својата поранешна асистентка, ликот на Емили Блант, која сега има висока позиција, како директорка во луксузна модна компанија и управува со голем буџет за рекламирање, кој очајно ѝ е потребен на Миранда.
Режијата и сценариото на ова продолжение повторно се потпишани од Дејвид Франкел и од Алин Брош Мекена, авторите на првиот филм од 2006 година. Филмот е базиран на романот на Лорен Вајсбергер од 2004 година, кој делумно е инспириран од нејзиното искуство како асистентка на главната уредничка на „Вог“, Ана Винтур. Закажано е „Ѓаволот носи Прада 2“ да излезе на 1 мај 2026 година.