„Катар ерлајнс“ во понеделникот соопшти дека речиси сите 20.000 патници на летовите што беа приземјени или пренасочени откако Иран испали ракети врз американската воена база во Катар во понеделник вечерта, биле пререзервирани во рок од 24 часа.
Иран започна ракетен напад врз американската воздухопловна база во Ал Удеид во Доха откако САД му се придружија на Израел во нападите врз иранските нуклеарни постројки, објави „Ројтерс“.
Иранскиот напад ги принуди Катар, Кувајт и Бахреин привремено да го затворат својот воздушен простор, додека два аеродрома во Дубаи накратко го прекинаа воздушниот сообраќај, што исто така предизвика одложувања.
Илјадници патници на меѓународниот аеродром „Хамад“ во Доха чекаа во редови со часови, соочувајќи се со долги одложувања и откажувања на летови.
„Сите патници на пренасочените летови, вкупно околу 20.000, беа сместени во рок од 24 часа од прекинот на воздушниот сообраќај. Повеќе од 11.000 ги продолжија своите патувања за време на утринската гужва на 24 јуни, додека останатите заминаа во текот на вечерта или наутро на 25 јуни. Нема патници на пренасочените летови кои не стигнале до своите дестинации денес“, изјави во твит извршниот директор на „Катар ервејс“, Бадр Мохамед Ал-Мир.
Сообраќајот на аеродромот „Хамад“ во Доха се одвиваше според распоредот денес со минимални доцнења и без застои, објави новинар на „Ројтерс“.