По добиено известување дека водата од водоводот во село Вељуса е неисправна за пиење, Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП Национални шуми, информираше дека лично обезбедил 300 пакети вода за пиење, наменети за жителите кои имаат потреба.

– Почитувани мои сограѓани од село Вељуса, како што знаете, добивме известување дека водата од водоводот е неисправна за пиење. Поради тоа, јас лично обезбедив 300 пакета вода за пиење кои ќе бидат донирани за оние што не можат да одат да си набават вода – стои во неговото обраќање до јавноста.

Во текот на саботното попладне и неделното претпладне, како што информира, биле поделени 120 пакети вода на неподвижни лица, повозрасни жители и сограѓани кои живеат сами. Останатите количества се ставени на располагање, а граѓаните кои имаат потреба можат да се обратат кај претседателот на месната заедница, Митко Пеев, или кај Славе Марков – Пуки, по што ќе им биде дистрибуирана вода за пиење.

Михаилов посочува дека од надлежните институции е побарано да се земат примероци од повеќе точки од водоводната мрежа, со цел да се утврди фактичката состојба и итно да се преземат потребните мерки. Како можни причини за загадувањето се посочуваат обилните поројни дождови во изминатиот период, но не се исклучува ниту можноста за намерна интервенција, односно саботажа на каптажата на изворот.

Се надевам дека за кратко ќе утврдиме што е причината, за да не се повтори ваквата состојба – наведува Михаилов, додавајќи дека Вељуса е препознатлива по чистата вода и вељушкиот ветер.

Паралелно со локалниот случај, официјални извештаи укажуваат дека проблемите со водоснабдувањето не се изолиран феномен. Според извештај на Економската комисија на Обединетите нации за Европа, делови од јавните водоводни системи во државата се соочуваат со застарена инфраструктура, значителни загуби и предизвици во однос на микробиолошката безбедност. Во извештајот се наведува дека околу 15 проценти од примероците на вода за пиење не ги исполнуваат бактериските стандарди.

Во повеќе општини во земјата во изминатиот период беа регистрирани привремени нерегуларности во квалитетот на водата, при што во одредени случаи се препорачуваше превривање пред употреба. Во тек се и проекти за модернизација на водоводните системи, со цел намалување на загубите и подобрување на квалитетот на снабдувањето.

Иако нема национална информација дека водата е неисправна насекаде, анализите покажуваат дека инфраструктурните предизвици и лабораториските наоди за нерегуларности остануваат реалност во одредени средини.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ