Иранските власти објавија дека мерките со кои се заострија ограничувањата за интернет воведени за време на војната со Израел постепено ќе бидат укинати, еден ден по стапувањето во сила на прекинот на огнот.
„Комуникациската мрежа постепено се враќа во претходната состојба“, се вели во соопштението на командата за сајбер безбедност на Револуционерната гарда, идеолошката армија на Иран.
Во соопштението се вели дека „Израел водеше сајбер војна од големи размери со цел да ги наруши дигиталните услуги и да ја користи интернет инфраструктурата за собирање информации и интензивирање на агресијата“.
Иранскиот министер за комуникации Сатар Хашеми изјави дека „со нормализацијата на условите, пристапот до комуникациите се враќа во претходната состојба“.
Владата објави привремени ограничувања за интернет на 13 јуни, кои подоцна беа заострени, при што многу веб-страници и апликации станаа делумно или целосно недостапни.
Државната телевизија ја повика јавноста да „избрише „Вацап“ (WhatsApp) (пораки) од мобилните телефони“, тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и „ги споделува со ционистичкиот (израелскиот) непријател“.
Дури и пред војната, властите воведоа ограничувања за користење на интернет, особено на популарни платформи како што се Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб и други.
Со текот на годините, Иранците се навикнаа да користат виртуелни приватни мрежи за да ги заобиколат ограничувањата.