Многу работи се менуваат. Важно е да имаме дијалог со американските претставници и има сигнали дека тимот на претседателот Трамп нè слуша, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, доцна во неделата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската страна сè уште официјално нема добиено никакви информации за резултатите од преговорите во Женева, а на прашањето дали очекува средба меѓу руски и американски претставници оваа недела, одговори: „Сè уште не“
Расте оптимизмот дека наскоро би можела да заврши четиригодишната војна во Украина. Денесака во Женева продолжија разговорите околу американскиот мировен план, откако претходниот ден американските и украинските преговарачи постигнаа видлив напредок.
– Многу работи се менуваат. Важно е да имаме дијалог со американските претставници и има сигнали дека тимот на претседателот Трамп нè слуша – изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Според извештајот на „Ројтерс“, двете страни го развиле новиот мировен план врз основа на претходниот предлог од американската Влада, кој Киев и неговите сојузници го сметаа за премногу промосковски. Во заедничка изјава, американската и украинската делегација ги опишаа разговорите во Женева како „исклучително продуктивни“, најавувајќи нивно продолжување во наредните денови. Сепак, деталите за клучните точки на спорот што бараат решавање, вклучително и прашањето за безбедносните гаранции за Киев, не се објавени. Во посебна изјава, Белата куќа нагласи дека новата верзија на мировниот план содржи посилни безбедносни гаранции и дека украинската делегација потврдила дека планот „ги одразува нивните национални интереси“.
„Политико“ посочува дека и покрај јавното покажување оптимизам, преговорите биле напнати, повикувајќи се на изјава на човек вклучен во нив, кој барал анонимност.
– Американската страна не сакаше да отстапи од текстот на планот одобрен од Русите. Сепак, Украинците постојано посочуваа неприфатливи делови од планот и на крајот имаше некои промени – рекол тој.
Европските функционери изразија задоволство од новиот развој на ситуацијата. Според претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, насоката на преговорите во Женева е позитивна, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека уште работат, но дека сега постои солидна основа за понатамошен напредок.
– Дали е навистина можно да се постигне голем напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина?? Не верувајте додека не го видите, но, можеби, се случува нешто добро токму сега. Бог да ја благослови Америка! – објави американскиот претседател, Доналд Трамп, на социјалните мрежи, по интензивните разговори меѓу американската и украинската делегација во Женева.
САД тврдат дека нивниот мировен план според кој Украина требаше да ѝ отстапи територии на Русија и да ги намали војската и вооружувањето сега е сменет и „сè повеќе ги одразува украинските национални интереси“. Оптимизам изрази и американскиот државен секретар, Марко Рубио.
– Не сакам да прогласувам победа или конечност тука. Сè уште има работа што треба да се заврши – рече тој.
Сега сите очи сега се вперени кон Кремиљ, а портпаролот Дмитриј Песков денеска изјави дека руската страна сè уште официјално немала добиено никакви информации за резултатите од преговорите во Женева. На прашањето на Би-би-си дали очекува средба меѓу руски и американски претставници оваа недела, тој одговори: „Сè уште не“, но додаде дека Москва е отворена за такви контакти и дискусии.
Сепак, Москва се сомнева дека новата верзија на мировниот план нема да биде толку поволна. Рускиот таблоид „Московски комсомолец“ напиша утрово: „Европската и украинската банда ќе го ‘поправат’ планот на Трамп, така што тој ќе стане целосно неприфатлив за Русија“.












