Првиот вицепремиер во Владата и министер за животна средина од редовите на Вреди Изет Меџити, денеска беше категоричен дека Азир Алиу ќе ги исполни очекувањата и дека новиот министер пред се треба да биде добар менаџер |
Електротехнички инженер и доктор по информатички науки Азир Алиу, поранешен министер за информатичко општество и администрација, е предложен за нов прв човек на ресорот здравство во македонската Влада. Предлогот за ова дојде по синоќешниот собир на коалицијата Вреди, на која Алиу ѝ се придружи откако го напушти таборот на крилото на Алијанса за Албанците, којашто ја предводи Арбен Таравари. Азир Алиу на функцијата ќе го замени Таравари, кој неодамна поднесе оставка откако реши да ги напушти редовите на коалицијата Вреди, која и натаму е во составот на владиното мнозинство.
Гостиварец по раѓање, 49-годишниот Азир Алиу дипломирал на скопскиот Електротехнички факултет при УКИМ, каде што и магистрирал електротехника. Подоцна, на Природно-математичкиот факултет се стекнал и со звањето доктор по информатички науки. Подоцна, станува и советник на екс-премиерот Никола Груевски, а во 2023 година беше избран и за министер за информатичко општество и администрација во владиниот кабинет, кој го предводеше поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Доколку биде избран, Алиу ќе биде прв информатичар кој ќе го предводи ресорот здравството. Во изминативе две децении во тој ресор продефилираа најразлични министри, најчесто медицинари по образование. Така на пример, екс-министерот Имер Селмани, кој го почна министерувањето во 2006 година, по образование бил лекар, Бујар Османи кој го водеше ресорот до 2011 година е дигестивен хирург, додека Никола Тодоров, кој управуваше од 2011 до 2017 година, беше правник по образование. Од 2017 до 2021 година ресорот здравство го води неврохирургот Венко Филипче, а потоа се редат стоматологот Беким Сали, инфектолог Илир Демири, како и невролозите Фатмир Меџити и Арбен Таравари. Медицинари по образование речиси биле сите министри кои ја вршеле функцијата во периодот од 1991 до 2006 година. Тоа го отвора и прашањето дали еден информатичар може да одговори на потребите да се решат бројните проблеми во здравствениот сектор.
Првиот вицепремиер во Владата и министер за животна средина од редовите на Вреди, Изет Меџити, денеска беше категоричен дека Азир Алиу ќе ги исполни очекувањата. Запрашан од новинарите како програмер ќе се снајде на новата функција министер за здравство, Меџити одговори:
-Пред сè треба да биде добар менаџер за функцијата министер. Имало вакви примери и во минатото, и мислам дека Алиу ќе биде добар на таа позиција – рече Меџити.
Ресорот за здравство, познато е, се соочува со бројни проблеми – од големите загуби на здравствените институции во земјава, незавршените објекти во Штип и Кичево, плановите за изградба на новиот Клинички центар во Скопје, па сè до нерешениот проблем со паркингот во рамките на кругот на клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“.
Првиот човек на македонскиот парламент Африм Гаши денеска изјави дека изборот на новиот министер за здравство ќе се изврши откако ќе биде доставен предлог.
-И по Закон и по Деловник, предлогот доаѓа од Владата. Премиерот треба да предложи нов министер. Кога ќе дојде на дневен ред предлогот, тој предлог веднаш во Собранието ќе биде доставен до сите пратеници и ќе ја ставиме на првата наредна седница – посочи Гаши.
Според него, парламентарното мнозинство останува стабилно и оти Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет.
– Стабилно е мнозинството. Нема никаква дилема околу тоа дали имаме мнозинство, се работи за преминување на една од политичките партии во опозиција, но гледате дека неколку пратеници остануваат дел од Вреди. Мислам дека Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет– изјави Гаши одговорајќи на новинарско прашање, пред почетокот на Балканскиот самит на Алумни.
Од друга страна, од редовите на Вреди пред синоќешната седница на Централното претседателство соопштија дека досегашниот министер за добро владеење, Арбен Фетаи, кој го напушти таборот на Таравари, ќе биде вклучен во партиското раководство и ќе остане вицепремиер за добро владеење.
-Коалицијата Вреди е комплетирана и во редовите на Претседателството се вклучени и 10 членови од Алијанса на Албанците на чело со Арбен Фетаи. Ја тераме битката за локалните избори, битката за новата победа. Пратеници, министри, директори, високи партиски функционери, раководители на ограноци, раководители на младински форуми и женски форуми, активисти од сите региони, јасно и недвосмислено артикулираат дека не се со кланот и планот на Али Ахмети, туку со граѓаните, со надежта и со проектот за промени, беше наведено во партиското соопштение. (Б.Ѓ.)