По пожарот во Кран-Монтана: Eдинствениот европски центар за кожни клетки во Лозана работи со полн капацитет

32
EPA/ALESSANDRO DELLA VALLE

По смртоносниот пожар во ноќниот клуб во Кран-Монтана, каде што голем број луѓе претрпеа тешки изгореници, центарот за производство на кожни клетки во Универзитетската болница во Лозана (CHUV), единствен од ваков вид во Европа, работи со полн капацитет за да им помогне на повредените, објавија швајцарските медиуми.

Болницата моментално лекува седум пациенти со тешки изгореници од Кран-Монтана.

„Приоритет е да им се помогне на овие пациенти колку што е можно повеќе“, рече експертот на центарот, Лоран Карез, пренесе Swiss Info.

Според него, од несреќата во Кран-Монтана, во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, од кои десетици се уште се хоспитализирани, центарот работи седум дена во неделата.

Центарот, единствениот способен да произведе толку многу кожно ткиво, а воедно да се почитува швајцарското и европското законодавство, работи со парчиња здрава кожа земени од жртвите од Кран-Монтана за да се избегне ризикот од отфрлање.

„Од 10 квадратни сантиметри здрава кожа, можеме да произведеме помеѓу 1 и 3 серии од 2.600 квадратни сантиметри, што е приближно површината на грбот“, објасни Карез, кој истакнува дека ова телесно ткиво, произведено со репродукција на клетки, не содржи коса или потни жлезди.

Центарот досега добил 15 барања за трансплантација на кожа поврзана со пожарот во Кран-Монтана, додека обично произведува трансплантации за околу 20 пациенти годишно.

Специјалистот за тешки изгореници Оливие Пантет рече дека центарот игра многу важна улога затоа што „кога 50 до 60 проценти од површината на телото е изгорена, кожата мора да се одгледува во лаборатории, бидејќи тоа едноставно не може да се направи со преостанатата здрава кожа“.

Како што забележа, успехот на трансплантацијата на кожа не е секогаш загарантиран.

„Доколку трансплантираната кожа е прифатена во 80 проценти од случаите, ние сме многу задоволни бидејќи тоа е одличен резултат“, рече Пантет.

ИЗДВОЕНИ