Малезиската влада не се откажува од потрагата по патничкиот авион „Боинг 777“ на „Малезија ерлајнс“, кој со 227 патници и 12 членови на екипажот исчезна во 2014 година на летот MH370 од Куала Лумпур до Пекинг.
Денеска почнува нова потрага. Малезиската влада вети дека ќе ѝ плати на приватната компанија „Оушн Инфинити“ 70 милиони долари (56 милиони фунти) за да го бара авионот по принципот „ако не се најде, нема надомест“. Компанијата сега цели на област од 15.000 квадратни километри (5.800 квадратни милји) во Индискиот Океан каде што се смета дека има најголема веројатност да се пронајде исчезнатиот авион, пишува „Гардијан“.
Компанијата има флота од автономни подводни возила, практично подводни роботи, кои можат да создадат 3Д мапа на океанското дно на длабочина до 6.000 метри користејќи сонарна, ласерска, оптичка и ехо-звучна технологија, при што секоја машина се проценува дека вреди најмалку 8 милиони долари. Доколку е потребно, површинскиот брод може да испрати и далечински управувани возила за да насочат рефлектори кон објект за да може да се снима и фотографира. Тие имаат роботски раце кои можат да се управуваат и од далечина, така што машината може да фаќа, врти и проверува предмети. Исто така, може да врати помали предмети на површината.
Во 2018 година, „Оушн инфинити“ неуспешно пребара повеќе од 80.000 квадратни километри океан за да го најде малезискиот авион. Сега е решена да се обиде повторно, откако во февруари годинава 22 дена пребаруваше област од 15.000 квадратни километри, но се откажа поради лоши временски услови. Новото истражување се очекува да трае 55 дена.
Боингот 777 кој полета кратко пред 1 часот наутро на 8 март 2014 година од аеродромот во Куала Лумпур, откако сврти кон запад, илјадници милји подалеку од планираната рута, во 2:22 часот исчезна од радарската покриеност додека беше над Андаманското Море. Сателитите продолжија да примаат сигнали од него на секој час, што значи дека бил во лет, сè до нешто по 8 часот наутро, кога се верува дека му снемало гориво. Овие сигнали на секој час се користеа за триангулација на растојанието помеѓу сателитот и авионот, но тоа можеше да го смести во зона на пребарување од 120.000 квадратни километри (46.000 квадратни милји) во јужниот Индиски Океан.
-Тоа е монструозно голем круг, вели Сајмон Маскел, професор по автономни системи на Универзитетот во Ливерпул и поранешен научен советник на „Оушн Инфинити“.
Голем број парчиња и остатоци се пронајдени околу бреговите на Индискиот Океан и идентификувани како делови од малезискиот боинг, вклучувајќи делови од крилото, опашката, кабината и моторот. Но, никогаш не се пронајдени човечки остатоци, па се претпоставува дека сите патници се во авионот, мртви.












