Уставниот суд на Бугарија ја донесе одлуката да ја одобри оставката на Радев едногласно со гласовите на сите 12 судии кои учествуваа на седницата.
Со потврдување на оставката на Радев од страна на судот, потпретседателката Илијана Јотова ќе ја преземе претседателската функција до крајот на нејзиниот мандат во јануари 2027 година, пренесе „Ројтерс“.
Новата претседателка на Бугарија доаѓа од социјалистите БСП на Радев. Јотова беше многу активна потпретседателка, честопати формализирајќи ги позициите на претседателот Румен Радев во неговото владеење изминатите 9 години, а понекогаш дејствувајќи како негов портпарол.
Кругови во БСП тврдат дека партијата би можела да ја поддржи или дури и да ја номинира за кандидат на претстојните претседателски избори во ноември. Слична можност призна и актуелниот лидер Атанас Зафиров. Според извори на „Медиапул“, Радев е подготвен да објави и поддршка за Јотова.
Радев, за кого се очекува да формира своја партија и да се кандидира на претстојните парламентарни избори, побара прошка од граѓаните во своето вчерашно обраќање и рече дека „пред нас е битка за иднината на Татковината“.
„Би сакал да напоменам дека во текот на овие девет години покажавме дека претседателот и потпретседателот можат ефикасно и синхроно да работат, обединети од заедничка цел. Убеден сум дека Илијана Јотова ќе биде достоен шеф на државата и би сакал да ѝ се заблагодарам за нејзината поддршка во текот на овие девет години. Пред нас е битка за иднината на Татковината и верувам дека ќе ја водиме заедно со сите вас – достојни, инспирирани и непомирливи“, рече Радев.
Поради оставката на владата и неуспехот да се формира нов кабинет, во Бугарија треба да се одржат парламентарни избори, но датумот за нив сè уште не е одреден.
Бугарскиот претседател треба да назначи привремена влада и да распише избори, но аналитичарите веруваат дека постапката ќе биде продолжена поради оставката на Радев и дека изборите веројатно ќе бидат закажани по Велигден, или кон средината на април.












