По поплаките од преживеаните: Откажана е „навредливата“ аукција на артефакти од Холокаустот во Германија

128

Полскиот министер за надворешни работи во неделата изјави дека „навредливата“ аукција на артефакти од Холокаустот во Германија е откажана, пренесувајќи информации од неговиот германски колега, по поплаките од преживеаните од Холокаустот, објави „Гардијан“.

Радослав Сикорски ги даде коментарите на платформата „Икс“, велејќи дека тој и германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул „се согласиле дека таков скандал мора да се спречи“.

Група основана од преживеани од логорот на смртта Аушвиц апелираше до германска аукциска куќа да ја откаже продажбата на стотици артефакти од времето на холокаустот, вклучувајќи писма од затвореници и документи што ги идентификуваат десетици жртви.

Меѓународниот комитет за Аушвиц повика на запирање на она што го нарече „цинична и бесрамна“ продажба, насловена како „Систем на терор“, закажана за понеделник во аукциската куќа Фелцман, пренесе претходно „Гардијан“.

Колекцијата од повеќе од 600 предмети што се нудат на аукција во Нојс, во близина на Дизелдорф, вклучува писма напишани од затвореници од концентрациониот логор до нивните најблиски, индексни картички од Гестапо и други документи од сторителите.

„За жртвите на нацистичкиот прогон и преживеаните од холокаустот, оваа аукција е циничен и бесрамен потфат што ги остава огорчени и без зборови“, рече Кристоф Хојбнер, извршен потпретседател на комитетот. „Нивната историја и страдањето на сите оние што биле прогонувани и убиени од нацистите се експлоатираат за комерцијална добивка“.

Одборот нагласи дека имињата на поединците се препознатливи во многу документи и дека таквите предмети им припаѓаат на семејствата на жртвите. „Тие треба да бидат изложени во музеи или спомен-изложби, а не да се сведат на обични стоки“, рече Хојбнер.

„Ги повикуваме одговорните во аукциската куќа „Фелцман“ да покажат основна пристојност и да ја откажат аукцијата.“ Огласот за спорната аукција, кој беше видлив на веб-страницата на Фелцман во недела наутро, беше отстранет до средината на попладнето. Компанијата не одговори на барањата за коментар.

ИЗДВОЕНИ