петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По половина година, институцијата омбудсман ќе почне да функционира

По половина година, институцијата омбудсман ќе почне да функционира

50

Пратениците, конечно, избраа народен правобранител. На функцијата останува Фатон Сељами од Тетово, а за негов избор гласаа 89 пратеници, шестмина беа против, а од пратениците што им припаѓаат на заедниците што не се мнозинство, 28 беа „за“, а осум против. Мнозинството успеа да обезбеди гласање според Бадентеровиот принцип без гласовите на ДУИ, односно за Сељами освен пратениците од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди гласаа и пратениците од СДСМ и Левица кои припаѓаат на заедниците, како и независните пратеници Илир Демири и Бејџан Иљас. Според биографијата, Сељами е дипломиран правник, магистер по правни науки, со положен правосуден и нотарски испит.

Изборот на нов правобранител беше половина година во застој поради условеноста со Бандетерово мнозинство во Собранието, односно не можеше да се изгласа кандидатот што го утврдија пратениците во Комисијата за избор и именување, Фатон Сељами. Мнозинството располага со најмногу 14 гласа по Бадентер, а недостигаа гласовите од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Лидерот на партијата, Али Ахмети, на лидерската средба се согласил да гласа за кандидатот што го оспоруваа, но по состанокот во Собранието, пратениците на ДУИ повторно се вратија на позицијата дека нема да обезбедат Бадентерово мнозинство за Фатон Сељами и бараа тој да биде повлечен.

Премислувањето од ДУИ го објаснија со сознанието дека вработените во институцијата Народен правобранител зеле плата и поради тоа се враќаат на првичниот став дека треба нов кандидат за омбудсман  бидејќи бил кандидат поддржан од „Вреди“, а омбудсманот треба да биде политички независен.

Според брифинзите, на лидерската средба била понудена опцијата ДУИ да обезбеди Бадентерово мнозинство за Сељами да биде избран за народен правобранител, а по половина година, тој самиот да се повлече и да се распише нов оглас за избор на омбудсман.

Платите на вработените во канцеларијата на омбудсманот не се единствен проблем, оваа институција, која постапува по граѓански претставки и жалби од секоја област каде што се загрозени човековите права, веќе половина година работи со недоволно вработени.

Со изборот на народниот правобранител, сега вработените ќе може да ја земат јануарската плата. Пред Нова година, тие испратија допис до целата македонска јавност, дипломатските претставништва во државата и до странските мисии за состојбата во која се наоѓаат вработените во институцијата Народен правобранител.

 

ИЗДВОЕНИ