Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј по неговата изборна победа изјави дека ќе му треба малку време за да одлучи за составот на новата влада, додавајќи дека е важно да се спроведат реформите, објавија денес локалните медиуми.
„Инструментот за ова е нова влада и јас морам да ја формирам“, рече тој, според веб-страницата Infobae.
Милеј оцени дека вчерашните избори претставуваат пресвртница, бидејќи владејачката партија доби убедлива поддршка.
„Јасно е дека сега можеме да почнеме да работиме потемелно и со поголем капацитет за да ги постигнеме резултатите од преостанатите реформи“, рече тој.
Според него, резултатите од изборите значат недвосмислен мандат добиен од народот за неговата реформска агенда.
„Две третини од аргентинскиот народ одлучија да ги усвојат идеите за слобода, како и патот што води кон просперитет и кон повторно голема Аргентина“, рече Милej.
Тој додаде дека неговата администрација е еден од инструментите за постигнување на ова.
Милеј, исто така, рече дека нема да има промени во неговиот најблизок круг и дека неговиот политички советник Сантијаго Капуто и неговата сестра Карина ќе ги задржат своите позиции. Капуто одигра клучна улога во стратегијата на Милеј за претседателската кампања во 2023 година и има значително влијание врз претседателската администрација, вклучително и надзорот врз разузнавачките агенции, имиграцијата и конгресните преговори.












