Сојузот што се претставува како заедница изградена врз почитување на различностите и културните и идентитетски посебности на народите, сега ги брише македонскиот јазик и идентитет од официјалниот документ за напредокот на земјава на патот кон Европската унија. Трите највлијателни политички сили во највисокото законодавно тело на Европа постигнале договор за отстранување на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот, што треба да биде усвоен наредната недела. Овој чекор, кој доаѓа од институции што се декларираат како бранители на човековите права и националните посебности, во Македонија беше доживеан како груб атак врз државниот и културен суверенитет. Премиерот Христијан Мицкоски го нарече „талибански начин“ на уривање на националниот идентитет, предупредувајќи дека Европската унија не само што го загрозува европскиот дух, туку и директно учествува во политичко и културно обезличување на македонскиот народ.
-За жал, оние егзибиции коишто седум години се случуваа кај нас, дома тука, не доведоа во една ваква ситуација. Еве гледате би рекол, има еден збор да го употребам, но не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред, на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Ивештајот во Европа. Тоа го дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа го дочекавме, тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите, истакна премиерот Мицкоски.
Ни „модерен“, ни „македонски“
Тој потсети на неговите предупредувања дека може да се случи ваков инженеринг и додаде дека уште еднаш се докажало дека намерата на Бугарија не е само да се внесат неколку стотини Бугари во Уставот, туку проблемот е многу подлабок.
-За нас подеднакво лошо е и тоа што се брише од Извештајот „македонски идентитет“ и „македонски јазик“, исто како и да стоеше „модерен“, буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворшени работи и македонски јазик и македонски идентитет, ќе остане во колективната меморија, дека за прпват некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик, во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија, ЕП. И сега сите тие коишто манипулираа во минатото, сите оние коишто не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници, коишто доаѓаат и надвор од Македонија и политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или појма немаа од водење политика, рече Мицкоски.
Реакцијата доаѓа откако претходно бугарската агенција БГНЕС објави дека трите најголеми политички сили во ЕП, Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на земјава, кој треба да се гласа на пленарната седница на ЕП на 8 јули, а информацијата на Фејсбук ја потврди и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
-На барање на групата на Европската народна партија, трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, С&Д (социјалистите) и Обнова (либералите), синоќа се согласија да ги отстранат сите референци за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија. Очекувам дека овој амандман ќе биде поддржан од мнозинството во ЕП следната недела на пленарна седница, напиша Ковачев.
Софија инсистира – историските теми да ги анализира историската комисија
Бугарскиот европратеник смета дека темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја кандидат за членство во ЕУ.
-Ваквите теми водат само кон неединство и ја отвораат Пандорината кутија. Тоа во конкретниов случај се потврдува со постојаните изјави на владините функционери во Скопјe, а особено на премиерот Мицкоски со неговите манипулации за „многувековниот идентитет и јазик“. Неприкриената цел на властите во Скопјe беше, во пресрет на локалните избори, да покажат некаков неверојатен триумф над „источниот сосед“ и со тоа да објаснат зошто би направиле некои козметички измени во својот Устав и делумно би ги вклучиле Бугарите во него. И покрај невидениот притисок и лобирање, таков преседан не треба да стане дел од извештаите на Европскиот парламент или на која било друга европска институција. Наместо тоа, РСМ треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историскиот комитет. Тоа е местото каде што треба да се дискутираат темите од нашата заедничка историја, како што е напишано во договорот, објави Ковачев.
СДСМ: Мицкоски го избриша македонскиот јазик од ЕП и треба да сноси одговорност
Од опозициската СДСМ преку соопштение го обвинија премиерот Мицкоски дека го избришал македонскиот јазик од Европскиот парламент и треба да сноси одговорност.
-Најголем непријател на македонскиот јазик, култура и идентитет е Христијан Мицкоски. Заради теснополитички интереси, тој одново ја отвори дебатата за македонскиот јазик во Европскиот парламент – прашање што беше затворено, а јазикот дефиниран како единствен македонски јазик на македонскиот народ. Мицкоски не може да впери прст кон никого за поразот што Македонија повторно го доживува во Брисел. Токму тој и неговиот пријател Андреј Ковачев, со кого заеднички работат на блокирање на европската перспектива на македонските граѓани, се виновни за оваа состојба, стои во соопштението од партијата.
Оттаму велат дека СДСМ извојувала победа во Брисел со Преговарачката рамка во која е наведен македонскиот јазик, како и со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС на чист, единствен и признаен македонски јазик – без никакви придавки, фусноти и ѕвездички.
-За жал, ваквото врховистичко однесување на Мицкоски, потпомогнато од Андреј Ковачев и пратениците на ЕПП во Европскиот парламент, доведе до тоа повторно да ѝ се оспорува на Македонија идентитетот и јазикот. Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата и самоволието, киднапирајќи ја европската иднина на државата. Мицкоски треба веднаш да се извини пред македонскиот народ за лажните ветувања и да сноси политичка одговорност за тоа што го избриша македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент, велат од опозициската СДСМ.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на 24 јуни го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц, по првичното одложување. Во документот на неколку места стои „македонски јазик и идентитет“. Амандманот да се додаде „модерен“ пред „македонски јазик и идентитет“ не беше ставен на гласање и не помина, бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.
Бурни реакции деновиве предизвика и изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која пи посетата на земјава македонскиот идентитет го сведе на манастирите во земјава, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки. Премиерот Мицкоски веднаш и возврати дека покрај прекрасната македонска кујна, за него идентитет се и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански… Во оваа прилика, во однос на очекувањата за извештајот на пленарната седница, Мицкоски и најави дека очекува секаков инженеринг и ништо не би го изненадило.
Бришењето на македонскиот јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на земјава, што се случува зад затворени врати во Брисел, е спротивно на прокламираните европски вредности и ја става под сериозен сомнеж искреноста на ЕУ во процесот на проширување. Наместо поддршка за националната автентичност на една земја-кандидат, Унијата испраќа порака на политичко условување и идентитетско понижување, што предизвика жестоки реакции во Македонија. Наместо охрабрување, земјава добива сигнал дека нејзиниот културен и историски континуитет е пречка, а не предност на патот кон европското семејство. Ваквиот преседан не само што ги продлабочува евроскептичните ставови меѓу граѓаните, туку ја отвора и дилемата дали Европа навистина ја почитува разноликоста или ја условува. Доколку оваа пракса продолжи, процесот на проширување ризикува да се претвори во механизам за асимилација, наместо во заедница што ги обединува различните. (В.С.Н.)