По цели осум години, во Неготино повторно ќе има пречек на Нова година на Градскиот плоштад. Ова вчера, на „Фејсбук“, го обелодени градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева.
Таа ги покани граѓаните сите заедно да ја почувствуваат празничната магија и да ја завршат годината со музика и во празничен дух.
– На 31 декември од 12:00 часот, плоштадот ќе биде исполнет со детска радост и со празнична атмосфера наменета за нашите најмлади жители. Со нив ќе се дружат омилените ликови Гринч и Стич, а во 12:30 часот ќе настапи Пајак. Во 22:30 часот ќе продолжи пречекот на новата 2026 година со концерт на Татјана Стефановска и Влатко Миладиновски, во придружба на Златко и оркестарот – најави Нацева.
Охрид и оваа година ќе блесне во празничен дух, со богата и разновидна програма по повод новогодишните празници.
Градот под Самуиловата тврдина ќе понуди содржини за сите генерации – од детски претстави и улична уметност до големи музички концерти и празнични забави на отворено.
Централен настан е традиционалниот пречек на Нова година на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, кој ќе се одржи на 31 декември со почеток во 20:00 часот. За новогодишната атмосфера ќе се погрижат македонската поп-ѕвезда Влатко Лозановски, охридската фолк-легенда Ефто Пупиноски, Ѓоко Танески, како и диџеите Yuxell и Багзи.
Прославата ќе продолжи на 1 јануари, кога, на плоштадот, ќе настапат легендарната група „Меморија“ и музичкиот состав „Фузија“, со почеток во 20:00 часот.
Од 27 до 31 декември, Охрид ќе живее во рамките на проектот „Охридска новогодишна приказна“, кој ќе донесе бројни дневни и вечерни настани, особено наменети за најмладите, но и за целото семејство. Публиката ќе може да ужива во детски театарски претстави, музички фестивали, хуманитарни базари, комични шоуа, улична уметност и во концерти на млади и афирмирани изведувачи. Особено внимание привлекува меѓународниот зимски фестивал на улична уметност – „Баскер-фест“, како и настапите на младинските рок-бендови и на познатите македонски артисти.
Празничната атмосфера ќе продолжи и во јануари. По повод Богојавление – Водици, на 19 јануари, на Градскиот плоштад ќе настапат Елена Велевска и Елена Андоновска, додека на 20 јануари, на Денот на рибарите, во месноста Сараиште ќе се претстават изведувачи од охридскиот еснаф.
– Со оваа богата програма, Охрид уште еднаш потврдува дека е еден од најатрактивните новогодишни центри во Македонија, нудејќи празнично доживување исполнето со музика, култура и со забава – нагласуваат од Општината.












