По последните настани и ударот што се подготвува за Македонија во Европскиот парламент – преку амандмани што се обидуваат да ги релативизираат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, во македонската јавност се поставува прашањето кој пат навистина води кон ЕУ. Дел од познавачите на состојбите повикуваат на радикално одбивање на вториот протокол со Бугарија и на уставните измени, додека други гледаат можност за компромис и за продолжување на процесот. Заедничко за сите е уверувањето дека идентитетот и јазикот не смеат да бидат ставени под прашалник, но различни се патиштата како да се обезбеди тоа. Очигледно е дека Македонија се соочува со уште едно тестирање на својата зрелост – и политичко и дипломатско.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека напорите што ги прави македонската Влада за надминување на пречките и на блокадите за почеток на преговорите со Европската Унија, се за поздравување, бидејќи направиле одреден пресврт на „капитулантските и предавнички политики што ги водеше претходната власт“.
Бришењето на „македонски идентитет и македонски јазик“ – тежок срам за Европа
Никовски смета дека фактот што трите најголеми партии во Европскиот парламент се договориле да се отстранат македонскиот јазик и македонскиот идентитет од извештајот, не остава сомнеж дека нема да се случи тоа, но потенцира дека ваквите случувања во ЕП се чиста бесмислица и тежок срам за Европа. Според него, промената на нашиот Устав, дури и со одложено важење, би била наш тежок пораз со несогледливи последици и во никој случај не смее да се направи тоа.

– Срам што покажува дека таму сè уште има ретроградни политичари од 19 век, и тоа е нивни пораз, а не наш. Ова што се случува во ЕП е цивилизациски пораз на Европа. Со барањето уставните промени да важат при приемот на Македонија во Унијата, беше направен тој пресврт, меѓутоа тоа не го решава проблемот. Тоа беше првата етапа и сега мора да се премине во втората, која значи неизбежно откажување на вториот протокол со Бугарија. На тој начин, отпаѓа нашата обврска за промена на Уставот и отпаѓа самата преговарачка рамка, која се базира на Историската комисија, преговарачка рамка со која Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Топката е во нашиот двор, ако, како држава, имаш преземено некоја обврска, а тоа сме го направиле со вториот протокол, треба или да ја исполниш или да ја откажеш. Со оглед дека исполнувањето би значело крај на македонизмот, ние практично немаме друга опција, освен да го откажеме. Со тоа почнува нова етапа на македонската интеграција во ЕУ, на рамноправна основа, како и сите други кандидати и членки. Тоа ќе крене одредена врева на меѓународен план, која бргу ќе се смири бидејќи не е никаков меѓународен договор, ама паралелно ќе мора да се води една жестока дипломатска офанзива со испраќање соодветни меморандуми на сите страни, во кои ќе се објаснуваат нашите неспорни аргументи – вели поранешниот амбасадор во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Не сме горлив момент за ЕУ
За разлика од Никовски, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу повикува на смиреност и дипломатски пристап. Тој укажува дека меѓународната заедница, особено Вашингтон и Брисел, во моментот имаат други приоритети и Македонија мора да се потруди да го задржи нивното внимание. Муслиу смета дека некои изјави од европратеници, како и контроверзни амандмани за македонскиот јазик, не се позиција на ЕУ како целина, туку на одделни радикални политичари.
– Ние треба да го задржиме вниманието на нашите стратешки партнери и на помошта што ни е потребна од нив за да ги надминеме проблемите. Сега ние не сме горлив момент, нема војна, не гори под нозете. Ние сакаме да се зачлениме во ЕУ. На нас е да се потрудиме да го задржиме нивното внимание. Во секој случај, тоа не се случува ако имаме провокации од другата страна, можеби некогаш треба да бидеме поотпорни и на тие провокации, затоа што, сигурно, има политичари што сакаат да градат кариера таму, а многумина и не се ни свесни. Но, ние треба да го насочиме тоа во правец што нам ни одговара, а тоа е започнување на преговорите. Имаше убав состанок на самитот ЕУ – Западен Балкан во Скопје, сметам дека изјавата на Кос не беше злонамерна, туку несмасна. Колку повеќе се подигаат тензиите толку нам ни се отежнува работата – вели Муслиу.
Во однос на амандманите за бришење на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет од извештајот за напредокот, Муслиу вели дека имало амандман и за „модерен“, па не поминал.

– Не сакам да верувам дека би се случило тоа, затоа што таа преговарачка рамка е обврзувачка и за ЕУ и за нас. Треба да правиме разлика меѓу Европската комисија и Европскиот парламент. Во Парламентот секогаш има порадикални пратеници. Но, ЕУ треба да биде внимателна, и тие пратеници не се од Марс, така што ако влезе ЕУ во процес на неодговорно однесување, тогаш ќе имаме само препукување и тоа ќе го отвори просторот на некои трети страни да го зголемат влијанието кај нас. Не сметам дека последниве случувања нè оддалечуваат од ЕУ. Не сме ние во длабоки, сериозни проблеми. Зависи како ќе се менаџира сето ова – вели Муслиу во изјава за весникот ВЕЧЕР.
ЕУ да нè прими во Унијата и проблемите ќе исчезнат
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во телевизиско гостување, рече дека ако ЕУ навистина сака да ги реши проблемите во земјите од Западен Балкан, тогаш, како што направи во 2004 со големото проширување, да ги прими сите овие земји во Унијата и проблемите ќе исчезнат. Таа ја поддржува идејата за уставни измени со одложено дејство, оценувајќи ја како „извонреден предлог“ прифатен од експерти и од челници во ЕУ.
– Никаде не пишува кога мора да се направат измените. Ако гарантираме дека ќе ги внесеме и Бугарите, тоа е доволно за да не нè кочат. Тоа не е пораз – изјави Сиљановска за „Канал 5“.
Претседателката инсистира дека идентитетот и културното наследство не смеат да бидат предмет на преговори.
– Разговори за историја, за идентитет, за култура – тоа апсолутно не може да биде услов. Тоа не е дел од Копенхашките критериуми – потенцираше таа.
Паралелно, СДСМ жестоко го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека со своите иницијативи за „меѓународна верификација“ на македонскиот јазик, всушност, придонел за неговото бришење од европските документи.
– Мицкоски е единствениот политичар што директно придонел за понижување на македонскиот јазик. Фактите го покажуваат спротивното од она што го зборува тој – наведуваат од СДСМ, потсетувајќи на Преспанскиот договор, признавањето од ОН, поддршката од Бундестагот и други дипломатски потврди добиени во времето на нивната власт – велат од опозициската партија.
Трите највлијателни политички групации во Европскиот парламент: Европската народна партија, Социјалистите и демократите и либералната група Обнова постигнале договор за целосно бришење на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија. Ваквиот потег доаѓа непосредно пред пленарната седница во Стразбур, идната недела. Премиерот Мицкоски го оцени овој потег како „талибански начин“ на политичко и идентитетско бришење, предупредувајќи дека Европската Унија не само што го загрозува европскиот дух туку и директно учествува во политичкото и културното обезличување на македонскиот народ. Ставот на македонските власти е дека ЕУ и Бугарија мора да дадат гаранции дека уставните измени се последниот услов за земјава, надвор од Копенхашките критериуми. (В.С.Н.)