Од првото шоу во скопската општина Кисела Вода, каде што и официјално ќе биде означен почетокот на фестивалот на 25 август, до завршната вечер во Гевгелија на 6 септември, дел од „Баскер-фест 2025“ ќе бидат повеќе од 20 интернационални уметници од Полска, Канада, Бразил, Србија, Албанија, Чиле, како и од Македонија. Тие ќе настапуваат во Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Куманово, Кавадарци и во Гевгелија, како и во скопските општини Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода

„Баскер-фест 2025“ наскоро повторно ќе ги претвори градовите во Македонија во сцени, а секој случаен минувач – во дел од приказната. По неколкугодишна пауза, петнаесеттото издание на овој уличен уметнички фестивал ќе се одржи од 25 август до 6 септември, патувајќи низ девет града во Македонија и застанувајќи на вкупно 13 локации.

Под мотото „Побарај ја забавата“ – Баскер-фест 2025 ти доаѓа“, артистите и годинава не доаѓаат само да ги покажат своите вештини туку и да создадат заедничко искуство и сплотеност со публиката, преку своите перформанси и патувачката сцена што инспирира, зближува и остава трајни сеќавања.

Од првото шоу во скопската општина Кисела Вода, каде што и официјално ќе биде означен почетокот на фестивалот, до завршната вечер во Гевгелија, дел од „Баскер-фест 2025“ ќе бидат повеќе од 20 интернационални уметници од Полска, Канада, Бразил, Србија, Албанија, Чиле, како и од Македонија.

Тие ќе настапуваат во Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Куманово, Кавадарци и во Гевгелија, како и во скопските општини Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода.

По плоштадите и улиците ќе може да се сретнат акробати и жонглери што со леснотија ја држат публиката во исчекување, улични музичари што будат емоции, илузионисти што ќе ве натераат повторно да верувате во магија и кловнови што со еден гест или поглед успеваат да изнудат насмевка.

– Сите тие се подготвени наскоро да ги споделат своите уметност и страст, да нè поканат да се забавуваме заедно, без разлика на возраста, интересите или од каде доаѓаме. Секоја фестивалска вечер гарантира изненадување, позитивна енергија и интеракција. Улиците ќе оживеат со звук и боја, плоштадите ќе се претворат во места на средби меѓу уметниците и публиката, сето тоа зачинето со долготрајни аплаузи, искрени емоции и со оној специфичен фестивалски пулс што ги спојува луѓето без разлика дали се познаваат или не – велат организаторите.

ИЗДВОЕНИ