
Ирански ракети во два наврата беа насочени врз британска воздухопловна база во Кипар, откако Британија му дозволи на САД да ја користи. Германија ќе се држи настрана, а Франција се става во одбрана на земјите во Персискиот Залив. Погодена е американската амбасада во Кувајт, а извештаите за напади доаѓаат и од Бахреин, Ирак, Јордан, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Израел го нападна Либан откако Хезболах во текот на ноќта испука ракети кон израелски цели, по што Либан побара таа либанска, проиранска милитантна група да го положи оружјето. Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, порача дека Иран ќе одлучи кога ќе заврши војната, додека претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека конфликтот ќе трае четири недели. Впечатливо е тоа што по нападот на Иран, тој и целата американска администрација останаа невообичаено тивки
По координираниот напад на САД и Израел врз Иран во саботата и убиството на ајатолахот Али Хамнеи, конфликтот се шири низ Блискиот Исток. Освен тоа, ирански ракети во понеделникот во два наврата беа насочени врз британска воздухопловна база во Кипар. Иако Велика Британија не го нападна Иран, премиерот Кир Стармер рече дека ќе им дозволат на САД да ги користат британските бази за дефанзивни удари на иранските ракетни инсталации.
Од Германија дојде најава дека таа земја нема да учествува во војната, но дека војската ќе се брани ако биде нападната. Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, кажа дека тие се вовлечени во војна што не ја избрале. Иако смета дека американско-израелската воена акција нема прецизна цел, тој изјави дека Франција е подготвена да учествува во одбраната на земјите од Персискиот Залив, кои се најдоа на удар на ирански одмазднички напади. Според претседателот Емануел Макрон, Франција го зголемува своето воено присуство на Блискиот Исток.
Во понеделникот, конфликтот стана пожесток. Иран лансираше ракети кон Израел и кон арапските држави, додека САД и Израел продолжија да го напаѓаат Иран. Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), во понеделникот напладне, објави дека во десеттиот бран е извршен ракетен напад врз израелскиот владин комплекс во Тел Авив, односно канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и врз безбедносните и воените центри во Хаифа и во Источен Ерусалим. Покрај тоа, Иран ја нападна и локацијата каде што се наоѓаше командантот на израелските воздухопловни сили, објавува „Азерњуз“. На социјалните медиуми почна да се шири дури и информација дека Нетанјаху е убиен во тие напади, но подоцна Израел демантираше дека владиниот комплекс е воопшто нападнат.
„Асошиејтед прес“, во понеделникот изутрина, јави дека Иран ја нападнал американската амбасада во Кувајт, а според „Ројтерс“, во таа област се видени пожарникари и итна помош. Амбасадата издаде соопштение американските граѓани да се засолнат поради континуирани закани од напади со ракети и беспилотни летала во регионот. Во Кувајт се погодени три американски воени авиони Ф-15, кои, според соопштението на САД, ги соборил Кувајт по грешка. Кувајтската противвоздушна одбрана, во понеделникот, повторно пресретнала ирански дронови, трет ден по ред откако почнаа иранските напади врз цели во соседните земји од Персискиот Залив. Техеран соопшти дека ќе ги напаѓа американските бази во регионот како одговор на нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, откако дипломатските разговори за нуклеарната програма на Иран завршија без договор. Ирански ракетни и беспилотни напади се пријавени низ Заливот. Цели се аеродроми, луксузни хотели и други цивилни објекти. Извештаите за напади доаѓаат од Бахреин, Ирак, Јордан, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Иран напаѓа и бродови во Ормутскиот Теснец, но објави дека нема намера да го затвори теснецот низ кој поминува една петтина од светската трговија со нафта.
Иранската Црвена полумесечина соопшти дека до понеделникот, во американско-израелските напади на повеќе од 130 ирански градови се убиени најмалку 555 луѓе. И покрај нападите, по убиството на ајатолахот Али Хамнеи, Иранците се собираат на плоштадите низ градовите, славејќи ја неговата смрт, информира Би-би-си, потврдувајќи ја автентичноста на снимките од градовите. Од друга страна, иранските медиуми јавуваат за собири на ужалени граѓани во Техеран и во други градови. Сепак, многу е тешко да се добие јасна слика за случувањата во земјата, затоа што интернетот е исклучен.
Израелските власти соопштија дека во судирите имаат 11 жртви. Израел, во понеделникот, нападна цели и во Либан, откако Хезболах во текот на ноќта испука ракети, по што израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека во знак на одмазда, генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем, е следна цел за елиминација.
–Кој и да го следи патот на Хамнеи, наскоро ќе се најде во длабочините на пеколот заедно со сите елементи на оската на злото, рече Кац преку социјалната мрежа „Икс“, објави „Тајмс оф Израел“.
Според него, израелските одбранбени сили (ИДФ) добиле наредба да употребат сила против Хезболах, додека продолжува да се следи примарната цел – уривање и поразување на иранскиот терористички режим и спречување на неговите капацитети во операцијата „Лав кој рика“.
Подоцна, либанскиот премиер Наваф Салам, изјави дека воените активности на Хезболах се незаконски и владата побарала таа либанска, проиранска милитантна група, да го положи оружјето.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, вели дека нема да попуштат и дека бомбардирањето на Техеран нема никаков ефект врз способноста на земјата да води војна.
– САД и Израел почнаа војна против Иран, ама Иран ќе одлучи како и кога ќе заврши војната, рече тој, додавајќи дека тоа го овозможува „децентрализираната мозаична одбрана“.
Во меѓувреме, високиот ирански безбедносен службеник, Али Лариџани, изјави дека нема да се преговара со САД.
Претходно, американскиот претседател, Доналд Трамп, рече дека нападите врз Иран би можеле да траат четири недели. Во интервју за „Дејли мејл“, тој изјави дека тоа отсекогаш бил процес од четири недели. Трамп објави дека стотици цели во Иран се веќе погодени и дека девет ирански бродови се уништени. Во шестминутно видео на неговата социјална мрежа рече дека мисијата ќе продолжи сè додека не се исполнат сите американски цели. Американското централно воено раководство соопшти дека од почетокот на судирите со Иран загинале четири американски војници. Впечатливо е дека и Трамп и целата американска администрација останаа прилично тивки по нападот на Иран.











