На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката валути нагло падна, откако агенцијата „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на САД, што предизвика зголемување на приносите на американските државни обврзници. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, падна за 1,9 проценти минатата недела, на 99,10 поени, пренесува Хина.
Во исто време, девизниот курс на еврото се зголеми за 1,7 проценти, на 1,1360 долари. Американската валута ослабе и во однос на јапонската, за 2,1 процент, па нејзината цена потона на 142,55 јени.
Доларот е под притисок откако „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 пред десет дена поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите трошоци за финансирање и планираните намалувања на даноците.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а би можел да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на американските државни обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил ако не се намалат владините трошоци. Притисокот врз доларот се засили во петокот, кога Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи се со царини од 50 проценти за Европската унија од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.