Предлог-законот за отворени листи и една изборна единица во Македонија, но и за кандидирањето на независните пратеници ќе биде доставен утре од опозициската ЛДП до македонското Собрание. До ова доаѓа откако македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, неодамна изрази подготвеност да прифати изборен модел со една изборна единица, при што би се дозволило и гласањето на иселениците во дијаспората надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.
Партискиот портпарол на ЛДП, Љубен Аврамовски, во изјава за медиумите рече дека ова не е нова иницијатива за ЛДП.
– Нашите пратеници, во два претходни парламентарни состава, поднесуваа предлог-закони за истата оваа реформа. За жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка. Но ние не се откажуваме – посочи Аврамовски.
Партискиот лидер, Моника Зајкова, изјави за ВЕЧЕР дека предложеното законско решение ќе биде поднесено посебно од она што го најави Демократски сојуз.
– Суштината на нашиот предлог е и да нема изборен цензус. Во предлогот се вклучени и барањата на независните кандидати, кои неодамна ги изнесоа, за да се пополни празнината создадена по одлуката на Уставниот суд. Нема одредби за гласањето во дијаспората, но може да се поднесат амандмани за тоа и да се разговара. Откако ќе го доставиме предлогот, тој треба да биде ставен во собраниска процедура, пред комисии. Очекуваме поддршка од сите партии – ни рече Зајкова.
Во владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска не можеше да се добие став околу овој предлог на закон. Од СДСМ неодамна најавија дека се отворени за разговори околу воведувањето нов изборен модел.
Од ДОМ побараа да биде проширена иницијативата со воведување пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50 отсто застапеност на жени на листите. Партијата Единствена Македонија вчера соопшти дека ќе поднесе барање до Собранието за ставање на дневен ред на нејзиниот предлог-закон од 2010 година за една изборна единица и забрана за предизборно коалицирање.
– Со забрана на предизборното коалицирање, ќе се стави крај на т.н. партии крлежи, кои пред секои избори шетаат од една во друга коалиција само за нивните претседатели да добијат директорски места. Сметаме дека единствено правилно е постизборно коалицирање откако ќе се види на изборите изборната тежина на секоја партија, преку поединечен настап на изборите – соопштија од оваа партија. (Б. Ѓ.)