Сегашниот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски,        со видео на социјалните мрежи, најави дека се уриваат старите дискотеки во Градскиот парк, со што се подготвува теренот за изградба на новиот лунапарк.

– Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата – обелодени Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје информираат дека ќе се изгради ултрамодерен лунапарк, еден од најдобрите во регионот, по највисоките европски стандарди, во кој ќе има ролеркостери, водни атракции, интерактивни игри и современи содржини што ќе понудат сосема ново ниво на урбана забава. Тие потенцираат дека е особено важно што ќе биде целосно пристапен овој забавен парк и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видеонадзор и организирана служба за прва помош

Се наѕира почетокот на активностите за изградба на новиот лунапарк, кој на најмладите скопјани им го ветуваа сите претходни градоначалници на Град Скопје.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, со видео на        социјалните мрежи, најави дека се уриваат старите дискотеки во Градскиот парк, со што се подготвува теренот за изградба на новиот лунапарк.

– Ред мора да има. Се расчистува просторот за изградба на лунапаркот, старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив: најдоброто за Скопје – обелодени Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје информираат дека по децении во кои генерации деца биле лишени од простор што природно им припаѓа, место за игра, радост и безгрижни спомени, конечно, се започнува со реализација на проект, кој, како што велат, означува нова ера на семејна забава во Скопје.

– Ќе се изгради ултра модерен лунапарк, еден од најдобрите во регионот, по највисоките европски стандарди. Простор исполнет со ролеркостери, водни атракции, интерактивни игри и современи содржини што ќе понудат сосема ново ниво на урбана забава – наведуваат градските власти.

Тие потенцираат дека е особено важно што овој ќе биде целосно пристапен забавен парк и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видеонадзор и организирана служба за прва помош.

– Oва ќе биде место каде што ќе може да ужива секое дете, без исклучоци – децидни се од Град Скопје.

Според градските власти, лунапаркот ќе биде на површина од 84.000 квадратни метри и ќе претставува вистинска зона за семејно дружење со простори за одмор, улична уметност, културни настани и затворена театарска сцена.

– Панорамското тркало, пиратскиот брод, подморницата, среќната лулашка и многуте други атракции ќе создадат уникатна атмосфера и ќе придонесат Скопје да стане препознатлива туристичка дестинација во регионот – децидни се од Град Скопје.

Градоначалникот уште на средината од декември минатата година објави дека е започната постапката за јавна набавка за проектирање и монтажа на новиот лунапарк.  На неодамнешната прес конференција, тој најави дека ќе биде завршен лунапаркот во втората половина на  2027 година.

Лунапаркот беше затворен во 2017 година, кога Коце Трајановски беше градоначалник на Град Скопје. Тогаш почна изградбата на нов парк, беа купени неколку реквизити и беше подигната барокна капија. Со доаѓањето на Петре Шилегов, работите беа стопирани и беше најавен нов, поголем забавен парк со околу 20 дополнителни реквизити, меѓу кои токму панорамско тркало, ролеркостер, тајфун и пиратски брод, со капацитет за околу 3.000 посетители дневно и со проценета вредност од околу 12 милиони евра. И покрај распишаните тендери и студијата од италијанско студио, проектот остана само на хартија. Во мандатот на Данела Арсовска, јавноста повторно слушаше ветувања дека до изградбата на новиот парк ќе бидат ставени во функција старите реквизити, но теренската слика остана иста: затворена капија, запуштени реквизити и див забавен парк кај салата „Борис Трајковски“, кој работеше без дозволи и беше предмет на полициски и на инспекциски контроли.

Скопје веќе осум години е без функционален лунапарк.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ