По Лондон, и Брисел најави центри за мигранти во други земји, дилемите се множат: Каде ќе завршат неподобните мигранти од ЕУ, во игра ли е и Македонија?

По најавите од Велика Британија дека оваа земја договара префрлање на неподобните мигранти во други земји, завчера и земјите членки на Европската Унија постигнаа договор за враќање на илегалните мигранти преку основање центри за враќање на мигрантите во трети земји. Во британските средства за информирање почна да се шпекулира дека договорот со Македонија предвидува исплата на по 20.000 евра за еден вратен мигрант. Лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, ги повика граѓаните јасно да им се спротивстават на приемот на мигрантите и на антидржавното и антинационално однесување на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија денеска демантирадека има каков било договор за прием и населување на мигранти

216

Европските земји решија посилно да ги затворат вратите за прием на мигранти и да ги забрзаат процедурите за нивно враќање и во трети земји, во услови кога се разгорува меѓупартиската битка во Македонија околу можниот прием на таквите мигранти од Велика Британија. Во македонската јавност сè повеќе владее конфузија околу тоа дали би можела нашата земја во блиска иднина да ги отвори своите граници за прием на непосакуваните мигранти во европските земји, а кои тука би имале потраен работен и секаков друг престој. Додека во британските средства за информирање секојдневно се множат информациите околу тоа дека на големо се договора префрлување на мигрантите за кои веќе нема место таму, во Македонија нема доволно информации околу оваа тема и реакции на пишувањето на британските медиуми. Од редовите на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска демантираа дека има каков било договор за прием и населување на мигранти.

– Одговорно, како ВМРО-ДПМНЕ, тврдиме дека нема да има никакви мигранти во Македонија, ниту, пак, има некаков план за во иднина. Јавноста и граѓаните да останат смирени, бидејќи сè додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт, мигранти во Македонија нема да има – изјави Валентин Манасиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со ова, лидерот на најголемата опозициска партија, СДСМ, денеска ги повика граѓаните јасно да му се спротивстават на „антидржавното и антинационално однесување на Владата на ВМРО-ДПМНЕ“.

– Мислам дека мора да кажеме одлучно „не“. Време е да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да нè поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на патриотската таканаречена влада на ВМРО ДПМНЕ – рече Филипче, најавувајќи, како прв чекор, поднесување граѓанска онлајн петиција, а потоа и други чекори.

Постои ли договор за 20.000 евра од мигрант?

Земјите членки на Европската Унија вчера постигнаа договор за текстот на законот на ЕУ за враќање на илегалните мигранти. Во него клучна новина е можноста земјите членки да основаат центри за враќање на мигрантите во трети земји. Односно мигрантите да не се враќаат во земјата на своето потекло, туку во земји што не се членки на Европската Унија. На такво нешто, познато е, веќе интензивно работи и Велика Британија. Освен ова, со документот се предвидува европските земји да ги забрзаат и да ги поедностават процедурите за враќање на мигрантите на кои сакаат да им го откажат престојот. Причина за сето ова се бројните проблеми со кои се соочуваат земјите што досега примиле илјадници мигранти на своја територија, особено по големиот бран што се случи во 2016 година. Данскиот министер за имиграција и интеграција, Расмус Стоклунд, изјави дека „тројца од четворица нелегални мигранти на кои им е издадена одлука за враќање во ЕУ продолжуваат да остануваат во ЕУ наместо да се вратат дома“.

– Верувам дека новиот сет правила може значително да помогне во подобрувањето на овие бројки. Првпат државјаните на трети земји што престојуваат нелегално, ќе имаат обврски. А земјите- членки ќе имаат многу подобар сет алатки, на пример, ќе биде можен подолг притвор, а забраните за влез ќе бидат подолги. Покрај тоа, денешниот договор ќе им овозможи и на Европската Унија и на една или повеќе земји членки да склучат аранжман или договор со трета земја за центри за враќање – рече Стоклунд.

Регулативата појаснува дека „земјата на враќање“ за нелегалните мигранти може да биде земја со која постои договор или аранжман врз основа на кој се прифаќа лице што нема право на престој во земјите членки. Ваквите центри за враќање може да функционираат и како центри за понатамошно враќање во крајната земја на враќање или како крајна дестинација. Постигнатиот договор ќе послужи како основа за да започне Европскиот совет преговори со Европскиот парламент, со цел да се постигне договор за конечниот правен текст.

Сето ова практично само се надоврза на она што интензивно се најавува деновиве во британските медиуми, како договор меѓу Велика Британија и Македонија околу преместувањето на мигрантите во нашата земја. По низата британски медиуми, сега и познатиот весник „Тајмс“ објави дека двете земји започнале формални разговори за отворање таканаречен центар за враќање на мигранти. Претходно, Албанија и БиХ одбиле ваква зделка.

– Разговорите започнале уште претходно оваа есен, а Северна Македонија е меѓу малкуте земји што активно преговараат со Велика Британија за воспоставување повеќе вакви центри. Мигрантите би биле депортирани од Обединетото Кралство и би можеле да поднесат барање за азил во Македонија, при што не би биле задржувани во притвор, ниту ограничувани во движењето, односно ќе имаат право слободно да ја напуштат земјата доколку одлучат така. Во планот е предвидено тие да бидат охрабрени да аплицираат за азил или работни дозволи, особено во областите со недостиг на кадар, како градежништвото – објави овој медиум.

Весникот „Дејли експерс“, пак, објави дека договорот што е на маса предвидува Велика Британија да ѝ исплаќа на Македонија до 20 илјади фунти од депортиран мигрант, согласно со новиот договор за „повратни центри“.

– Пристапот на Северна Македонија е претпазлив и прагматичен откако другите балкански држави, како Албанија и Босна и Херцеговина, одбија веднаш да бидат инволвирани. Владата наводно бара безбедносни гаранции и инвестиции во замена за кооперација, која ја рефлектира дипломатската комплексност и сензитивност на проблемот – пишува британски „Дејли експрес“.

Во британските медиуми, единствената официјална изјава на оваа тема е онаа на тамошното Министерство за внатрешни работи, но во која не се посочуваат конкретните земји во кои би се префрлале неподобните мигранти.

– Во преговори сме со одредени земји, но не градиме план за миграција што се потпира исклучиво на центрите за враќање. Тој секогаш мора да биде дел од поширок пакет – британското МВР.

Ваквите информации зачестија по октомвриската средба на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, со британскиот колега, Метју Стамер, и по договорот за економска соработка меѓу двете земји вреден околу шест милијарди фунти. Но, Мицкоски тогаш демантираше дека се согласил за прием на мигранти, туку само изразил подготвеност за можноста и британските полицајци да бидат вклучени во чувањето на македонско-грчката граница за да се спречи влез на мигрантите. Во меѓувреме, илегалното навлегување мигранти од Авганистан, Сирија, Пакистан, Египет, Кина, Куба… и натаму е присутно на нашата граница. Тие, преку шверцерски канали, се префрлаат до границата со Србија, од каде што го продолжуваат својот пат кон европските земји.

Опозицијата најавува силен отпор

Шпекулациите дека Македонија е можна дестинација за прием на мигранти во јавноста се подгрејуваат и поради фактот што почнувајќи од следната година, се планираат низа големи инфраструктурни проекти. Брзата пруга кон Грција, клинички центри и други финансирани со кредитни средства чии гарант ќе биде Велика Британија, а за кои ќе биде потребна и голема работна сила. Во македонското стопанство има примери на вработување на странски државјани од далечни земји, како Непал, Филипините и слично, но тие за кратко време тајно заминуваа во други земји. Но, ваквите можни сценарија за прием на мигранти почнаа да наидуваат на сè поголем отпор. Вчера, од редовите на најголемата опозициска партија, СДСМ, најавија дека со сите сили ќе им се спротивстават на ваквите планови. Лидерот на социјалдемократите, Венко, упати отворен повик до граѓаните да се спречи прием на мигрантите.

– Ќе следува силна мобилизација, активност на секое ниво, секој град, во секоја општина, во секое село. Нема да дозволиме да дојдат мигранти тука по ниту една цена. Нема да дозволиме на овој начин да се загрозат безбедноста и иднината на земјата. Ние сакаме развој, ние сакаме да сме дел од Европска Унија, не сакаме да сме мека на мигранти, да дојдат луѓе кои гледаме како се однесуваат во другите земји и какви проблеми создаваат, насилства, протести, силувања, болести што се донесени, што се искоренети во многу земји, многу одамна. Ние нема да го дозволиме тоа – потенцира Филипче.

Тој додаде дека доколку Владата го игнорира ова предупредување, ќе следуваат уште посилни чекори во интерес на заштитата на државата, безбедноста и иднината на македонските граѓани.

Филипче нагласи дека цената на ваквите политики би била висока и повика граѓаните да се вклучат за зачувување на безбедноста на земјата.

– Дали е ова цената што треба да се плати за да се добие кредит од 6 милијарди евра, кои ќе ги плаќаат многу следни генерации, следните децении, за оваа Влада да ги потроши тие пари на договори во четири очи. Не смееме да дозволиме насилно внесување мигранти во нашата земја. Ги повикувам сите граѓани, помогнете да ја зачуваме нашата татковина. Помогнете да ги зачуваме безбедноста и иднината на Македонија – истакна Филипче, прашувајќи дали може да се очекува да им биде даден македонски пасош на мигрантите и да бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ. (Б. Ѓ.)

Скопјанец шверцувал петмина Египќани во автомобил

Приведен е скопјанец што шверцувал мигранти кај Гевгелија, соопшти денеска МВР.

-Во понеделникот во 20:30 часот, на местото викано Нова Петла во Гевгелија, полициските службеници од полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишија од слобода Р. Р. (28) од с. Копаница, Скопско. При преглед во возилото „пежо“ со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени пет лица мигранти од Египет – се наведува во полициското соопштение.

Мигрантите се спроведени во прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија и по целосно документирање на случајот, против Р. Р. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ИЗДВОЕНИ