Објаснувајќи за паралелата што ја прави во филмот меѓу реалната приказна на земјоделецот Никола и бајката за Силјан Штркот, режисерката Котевска вели дека ја фасцинира тоа што ние, во Македонија, ја имаме приказната, но и дека се случува таа во живо и сега, пред наши очи
„Силјан“ ме убеди дека најдобро знам и најмногу сакам да раскажувам приказни од Македонија, бидејќи имав можност да правам и други филмови. Но, едноставно, толку добро ја познавам нашата земја и толку многу ја сакам што секогаш ме фасцинира што наоѓаме реални приказни во неа, а личат на научна фантастика, рече македонската режисерка Тамара Котевска, чиј трет документарец, „Силјан“, кој ја прикажува магичната врска создадена меѓу човекот и штркот, е годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.
Котевска, на денешната прес-конференција на која зборуваше за импресиите од снимањето на филмот, посочи дека тој е чиста документаристика на која отпосле, откако бил снимен целиот материјал, била најдена таа форма во која се вклучува бајката за Силјан Штркот. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец што, по тешка криза, останува сам и пронаоѓа на депонија бел штрк со повредено крило. Филмот, всушност, започнал како истражување за миграцијата на штрковите, кое ќе послужи и за нејзиниот игран филм „Човек против јато“.
– На почетокот, тргнав да ја снимам промената на миграцијата на штрковите. Како некој што се занимава со животната средина, ми беше битно тоа. Да покажам како кај нас штрковите јадат од депонии. Меѓутоа, најфасцинантен момент ми беше односот што го има овој човек (Никола) со штркот, и не му е прв, тој веќе чувал штрк претходно. И не е единствен. Но, и како се луѓето од источна Македонија, особено во регионите на Чешиново и на Стојаково, каде што има најмногу штркови, во симбиоза со штрковите. Тоа е навистина нешто особено. Многу често се случува да паѓаат штркови и тие да ги чуваат. Има една сцена во филмот каде што гледаме старци и неколку штрка како седат заедно пред кооперација. Тоа се нереални ситуации и сцени – раскажува Котевска.
Објаснувајќи за паралелата што ја прави во филмот меѓу реалната приказна на земјоделецот Никола и бајката за Силјан Штркот, вели дека ја фасцинира и тоа што ние, во Македонија, ја имаме приказната, но и дека се случува таа во живо и сега, пред наши очи.
– Филмот е чиста опсервација на штрковите и на земјоделците, со тоа што јас не можев да одолеам на тоа да ја искористам познатата приказна за Силјан, особено откога го најдовме човекот Никола.
Додава дека, всушност, започнале да снимаат краток еколошки документарец за смената на миграцијата на штрковите, бидејќи со сè поголемиот број диви депонии, тие престануваат да мигрираат, остануваат да јадат тука и голем број умираат.
– Нам не ни беше во план да го снимаме Никола, но кога го најдовме, целиот момент со бајката беше неминовен. Кога го запознавме и кога видовме дека е тој во транзициска фаза да почне да работи на депонија, бидејќи има сериозна криза со земјоделството, паралелата со приказната, за мене како автор, беше премногу атрактивна. Затоа си зададов огромен предизвик: шест месеци детално истражував и зборував со професори по земјоделство и биологија за да ја најдам таа паралела – додаде Котевска, која истакна и дека 90 отсто од филмот е снимен во Македонија.
Истакна и дека „Силјан“, при создавањето, имал тежок пат, слично како „Медена земја“. Го почнале таа, како режисерка и продуцентка, и снимателот Жан Дакар, како и еден од продуцентите – Јорданчо Петковски и монтажерот Мартин Иванов и поминале една година без ниту еден странски заинтересиран финансиер.
– Сакам да напоменам дека, иако некој мисли дека по „Медена земја“ е полесен патот, воопшто не е така. Секој филм почнува од ново, истата битка е повторно, а притоа очекувањата се огромни. И тука има голем притисок. Гледавме на него како на некое истражување за играниот „Човек против јато“, па тоа ни даваше некаква мотивација. Но, кога ги најдовме штрковите како јадат на депонија, веќе знаевме дека мора да продолжиме и дека ќе вреди ова. И на тој пат се потврди дека секогаш кога ќе ти ги украдат материјалите на документарен филм и ќе фатиш болви, на крај излегува успешно. Имаше инцидент во кој додека снимавме на нивите во регионот на Чешиново, каде што буквално нема ни луѓе, се случи да поминал некој селанец, кој го скршил прозорецот и ги украл лаптопот и објективите. И притоа снема доста од снимениот квалитетен материјал. Беше трагично тоа за нас, со многу нервоза и плачење, беше многу тешко да истраеме. Ми помогна искуството со „Медена земја“ – ментално да успеам и да продолжам понатаму – вели Котевска.
Додава дека снимањето на штрковите било, исто така, невидено искуство. Македонското еколошко друштво МЕД им ги дало локациите за околу 100 гнезда на штркови лоцирани во нашата земја и во Србија и тие, како екипа, оделе од гнездо до гнездо, по напуштени села и на непристапни места, а притоа живееле, снимале и патувале во комбе. За штрковите кажа дека се диви животни, кои се недостапни.
– Симболиката што ја претставуваат штрковите јас ја поврзував со губењето на плодноста на земјата во играниот филм „Човек против јато“ и како влијае капитализмот врз тоа. И затоа го одбрав ова животно како симбол. Имаме снимено многу спектакуларни кадри (од дрон) од т.н. штрково торнадо или движење во круг на јато од стотици штркови, но успеавме да се приближуваме и до окото на еден од нив. Требаше време да се зближиме со штрковите, отпрвин се плашеа од дронот, но бидејќи му посветувавме многу време на секое гнездо, сфативме дека треба да ги следиме уште на почетокот, кога ќе се испилат. Растат по неколку месеци, а ги следевме од мало штркче што се извело, па низ процесот на растење и учење да летаат. Неколку гнезда се израснати со нашиот дрон како мајка.
На прес-конференцијата се обратија и монтажерот Мартин Иванов и продуцентот Јорданчо Петковски.
– Не ни е првпат да работиме со Тамара. Кога седнуваме да работиме, било тоа да е документарец или игран филм, секогаш сакаме да ја раскажеме приказната најдобро што можеме. И притоа таа да биде универзална, почовечка, космополитска – рече монтажерот Иванов.
Како што додаде продуцентот Петковски, филмот „Силјан“ настанал сосема случајно.
– Настана во една пауза додека се подготвуваме да го снимаме играниот филм „Човек против јато“. Започна како едно истражување за штрковите и дојдовме до една ваква приказна, за која ни требаше една година да дојдеме до финансиери. Со „Конкордија“, „Корнершоп“ и со Ана Хашми, која прва ни се приклучи, успеавме да го направиме филмот – рече Петковски.
„Силјан“ ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата „Out of competition“, но ја освои наградата за најинспиративен филм или т.н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми на Венеција.
(Н.И.Т.) Фото: П.Стојановски