Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ в недела организира тура „По Кралската патека до Кралскиот Водопад“, во месноста Крбилица, на надморска височина од 1.225 метри.
Почетокот на турата ќе биде во 7:30, од чешмата во селото Бањани, а може да се дојде дотаму со сопствен превоз или со автобусот со бројот „71“, кој тргнува од Транспортниот центар во 6:40 часот, додека автобус за назад има во 17:00 часот.
– Турата ќе биде средно тешка по тежина, долга е 20 километри, со висинска разлика од 700 метри. Од опрема, потребни ви се: разгазени гојзерици, облека според временските услови, мантил за заштита од дожд, стапчиња за помош при движење по патеката, вода и храна според вашите потреби, капа, очила, крем за заштита од сончевите зраци, средства за заштита од инсекти – информираат од „Убавините на Скопска Црна Гора“.