Голем корупциски скандал што ја потресе Украина би можел да го означи крајот на владеењето на претседателот Володимир Зеленски, објави британскиот Телеграф.
Во соопштението објавено по операцијата се вели дека шемата ја водела „високо рангирана криминална организација“ која планирала да пренасочи околу 100 милиони долари од енергетскиот сектор, додека Украина секојдневно трпи руски напади врз својата инфраструктура.
Објавата предизвика политичка експлозија. Бизнисменот Тимур Миндич, ко-сопственик на медиумската куќа „Квартал 95“ основана од Володимир Зеленски, беше именуван како наводен организатор. Министерот за правда Герман Галушченко беше суспендиран поради можна вмешаност, а министерката за енергетика Свитлана Гринчук поднесе оставка, наводно на барање на Зеленски. И двајцата негираат какво било кривично дело.
Иако истрагата вклучува еден од неговите најблиски соработници, Зеленски јавно ги поддржа активностите на НАБУ. Тој рече дека ефикасните антикорупциски мерки се „сериозно потребни“ и нагласи дека сите вклучени мора да бидат казнети.
Тоа е голем пресврт од неговите неуспешни обиди во јули да ги стави антикорупциските институции на Украина под контрола на претседателската канцеларија. Но, оваа ситуација отвора и простор за непријатни детали што би можеле да му наштетат на неговиот углед како претседател за време на војната и неговите изгледи за реизбор по војната.
Врската меѓу Зеленски и Миндич ќе биде под посебна лупа во наредните денови. Во интервју за „Украинска правда“ од 2022 година, олигархот Игор Коломојски изјави дека токму Миндич го запознал со Зеленски.
Миндич одигра клучна улога во создавањето на тој сојуз. Коломојски значително му помогна на претседателската кампања на Зеленски во 2019 година. Иако Зеленски му го одзеде украинското државјанство во 2022 година, а СБУ го уапси за перење пари во 2023 година, обвинението против Миндич повторно го отвора прашањето за таа врска.
Лесниот пристап на Миндич кон претседателската администрација дополнително ги разгорува сомнежите. Освен што Зеленски го користел неговиот блиндиран автомобил, Миндич неколку пати се сретнал со Андрије Јермак, шефот на претседателскиот кабинет. Иако ништо од ова не докажува дека Зеленски толерирал евентуални злоупотреби, го поставува прашањето за неговата проценка и околината што ја изградил за себе.
Поради овие сомнежи, токсичноста на енергетскиот скандал и претстојното можно предавање на Покровски, шпекулациите за политичкиот крај на Зеленски стануваат сè погласни, објави британски Телеграф.












