
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да ги објави резултатите од скенирањето со магнетна резонанца (МРИ) што го направил во октомври, нагласувајќи дека наодите се совршени и дека поминал когнитивен тест со одлични оценки.
„Ако сакате да ги објавам, ќе ги објавам“, им рече Трамп на новинарите по враќањето од Флорида во Вашингтон, објави „Ен-би-си“.
Американскиот претседател додаде дека „нема поим“ кој дел од телото е скениран. „Тоа е само МРИ. Кој дел од телото? Не мозокот, направив когнитивен тест и го „искинав““, рече Трамп.
Неговиот коментар следеше по изјавата на демократскиот гувернер на Минесота, Тим Волц, кој за „Ен-би-си“ изјави дека Трамп „физички слабее“ и го доведува во прашање неговиот „ментален капацитет“, повикувајќи го да ги објави резултатите од МРИ скенирањето.
Во меѓувреме, за време на разговор со новинарите во авионот, Трамп беше забележан со беж дамка на десната рака, објавија медиумите.
Трамп, 79, претходно потврди дека направил скенирање со магнетна резонанца во Медицинскиот центар „Волтер Рид“ на 10 октомври, но ниту тој ниту Белата куќа не прецизираа кој дел од неговото тело бил прегледан.
Прегледот беше опишан како дел од неговиот полугодишен физички преглед, по неговиот прв преглед оваа година во април.
Во извештајот на Белата куќа се наведува дека прегледот во октомври бил дополнителен преглед кој вклучувал напредно снимање, лабораториски тестови и превентивни здравствени проценки, но не ги објави резултатите од магнетната резонанца.











