Синоќа Трамп во Белата куќа ги прими Зеленски и европските челници за да разговараат како да се постигне мир во Украина, а како што јавија светските медиуми, во еден момент го прекинал состанокот, за, како што рекол, да се слушне со Путин. По разговорот тој изјавил дека почнал подготовки за средба меѓу рускиот и украинскиот претседател, но локацијата допрва треба да се утврди. Иако Кремљ јавно не потврди, висок функционер на американската администрација изјави дека средбата меѓу Путин и Зеленски би можела да се одржи во Унгарија, а германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека двајцата лидери ќе се сретнат во следните две недели
По средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот Владимир Путин, која ја доби етикетата историска, светот очекува нова, уште поисториска – меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. До неодамна беше тешко да се поверува дека Путин ќе седне на иста маса со Зеленски, откако многупати изјави дека со истечен мандат тој за него е нелегитимен претседател, но Трамп доцна во понеделникот најави можност за таква средба.
Синоќа Трамп во Белата куќа ги прими Зеленски и европските челници за да разговараат како да се постигне мир во Украина, а како што јавија светските медиуми, во еден момент го прекинал состанокот, за, како што рекол, да се слушне со Путин. По разговорот тој изјавил дека почнал подготовки за средба меѓу рускиот и украинскиот претседател, но локацијата допрва треба да се утврди. Кремљ потоа го потврди разговорот, кој како што рекоа оттаму, го иницирал Трамп и траел 40 минути.
– Се разговараше за идејата да се разгледа можноста за подигнување на нивото на претставници од украинска и руска страна во директните преговори, информира главниот преговарач на Путин, Јуриј Ушаков.
Трамп и на социјалните мрежи објави дека го повикал рускиот лидер и почнал да договара средба со Зеленски, по што би следел самит меѓу тројцата претседатели. Според извор од европската делегација, Трамп им рекол на европските лидери дека Путин е тој што предложил таков редослед на настани. Зеленски изјави дека е подготвен за билатерална средба со Путин, а потоа и за трилатерална со Трамп. Додаде дека прашањето за евентуални територијални отстапки, какви што бара Русија, ќе биде „тема која ќе ја оставиме за разговор меѓу мене и Путин“.
Иако Кремљ јавно не потврди, висок функционер на американската администрација изјави дека средбата меѓу Путин и Зеленски би можела да се одржи во Унгарија, а германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека двајцата лидери ќе се сретнат во следните две недели. Последните директни разговори меѓу Русија и Украина се одржаа во Турција во јуни, кога Путин ја одби поканата на Зеленски за средба лице в лице и наместо тоа испрати делегација од пониско ниво.
Европските лидери, кои вчера дојдоа во Вашингтон да го поддржат Зеленски, го повикаа Трамп да инсистира Путин да се согласи на прекин на огнот пред да можат да продолжат какви било разговори. Во Овалната соба, Трамп им рече на новинарите дека му се допаѓа идејата за прекин на огнот, но дека двете страни можат да работат на мировен договор додека борбите продолжуваат.
– Кога зборуваме за безбедносни гаранции, зборуваме за целокупната безбедност на европскиот континент, му рече Макрон на Трамп, посочувајќи дека Европа мора да биде вклучена во мировните преговори.
Претходно беа најавени безбедносни гаранции за Украина, слични како да е членка на НАТО, а вчера Зеленски на „Икс“ напиша дека по состанокот во Белата куќа веќе се работи на специфичната содржина на безбедносните гаранции.
– Денес продолжуваме со координацијата на ниво на лидери. Ќе има дискусии и подготвуваме соодветни формати. Ќе работиме и утре. Советниците за национална безбедност се исто така во постојан контакт. Ќе има безбедносни гаранции, објави тој.
На состанокот во Белата куќа учествуваа францускиот претседател, Емануел Макрон, италијанската премиерка, Џорџа Мелони, германскиот канцелар, Фридрих Мерц, финскиот претседател, Александар Стаб, британскиот премиер, Кир Стармер, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Состанокот со нив и со Зеленски, Трамп на својата социјална мрежа го оцени како „многу добар“. Според објавеното, овој состанок во Белата куќа бил далеку попријатен од оној во февруари, кога Трамп и Венс го нападнаа Зеленски и јавно го прозваа дека е неблагодарен. Сега Трамп срдечно го пречека Зеленски пред Белата куќа, му даде комплимент за црниот костум што го носеше и кој отскокнуваше од војничката облека што е секогаш на него, а на новинарското прашање што ќе му порача на украинскиот народ рече: „Го сакаме“. Сепак, зад насмевките и пријателското тапкање по грб пред влезот во Овалната соба, Киев и сојузниците стравуваат дека Трамп може да се обиде да наметне договор според условите на Русија, особено откако во петокот организираше раскошен прием за Путин. Според тимот на Трамп, двете страни мора да се согласат на компромиси. Сепак, американскиот претседател го префрли товарот на Зеленски, велејќи дека Украина треба да се откаже од надежите за враќање на Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Исто така, Киев треба да се збогува и со идејата за приклучување на НАТО во замена за безбедносните гаранции по примерот на членот 5 од основачкиот договор на НАТО, според кој нападот на која било членка, се смета за напад на сите.
Новинар го пофали костумот на Зеленски, а тој го засрами пред сите
На состанокот со Трамп во Овалната соба, Зеленски се појави во црн костум – не класичен, но, сепак, елегантен. За новиот изглед тој доби комплимент и од Трамп, но и од еден од новинарите.
– Изгледаш одлично во тој костум, рече новинарот Брајан Глен од „Гласот на вистинска Америка“, кој при претходната посета на Зеленски на Белата куќа во февруари годинава го критикуваше затоа што не носи костум.
– Ве паметам. Вие го носите истиот костум како тогаш. Јас се преоблеков, а вие не“, му одговори Зеленски на новинарот.
Како што објави „Аксиос“, од Белата куќа ги прашале украинските претставници дали Зеленски ќе носи костум за време на средбата со Трамп во Овалната соба, а оттаму одговориле дека ќе биде „во стил на костум, но не вистински костум“. Порталот наведува дека дека облеката на Зеленски станала „проблем“ на неговата претходна средба со Трамп во март во Белата куќа, која експлодираше во дипломатско фијаско.