Евентуалниот избор на Башким Бакиу за нов министер за здравство, а што се најавува од редовите на владината коалиција, ќе значи истовремено и продолжување на започнатата практика со која на чело на овој ресор нема да биде лице од лекарска бранша. Политиколог по професија и експерт за локален развој и децентрализација на општините, Бакиу треба да го наследи актуелниот министер за здравство, Азир Алиу, кој е професор по информатички технологии и поранешен министер за информатичко општество и администрација. Со изборот на Алиу за министер, практично, се прекина долгогодишната практика во именувањето на министрите за здравство, со која, со овој важен ресор речиси редовно управуваа личностите кои биле афирмирани лекари. Почнувајќи од 1991 година кога за прв министер за здравство во самостојна Македонија беше избран имунологот Перко Колевски, па до изборот на 19. министер Азир Алиу, во министерскиот кабинет продефилирале уште 18 министри од кои само еден не бил лекар по професија. Таков прекин на воспоставената практика и традиција од сите македонски влади беше направен само во 2011 година, кога за министер беше избран правникот Никола Тодоров, кој на таа функција остана сè до 2017 година. Претходно, и по Тодоров, со ресорот, меѓу другите, управуваа лекарите Јован Тофовски, Илија Филипче, Патер Илиоски, Драган Даниловски, Ѓорѓи Оровчанец, Реџеп Селмани, Владимир Димов, Имер Селмани, Бујар Османи, Арбен Таравари, Беким Сали…
Кога Азир Алиу беше избран за деветнаесетти министер за здравство, неговата заднина веднаш повлече дилеми во јавноста дали еден информатичар може добро да раководи со ресорот за здравство? Премиерот Христијан Мицкоски за таа дилема во јуни годинава при изборот во македонскиот парламент објасни дека очекува Алиу да донесе нова димензија во менаџирањето со здравствените системи.
– Го предлагам д-р Азир Алиу за нов министер за здравство. Д-р Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и со дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем – рече тогаш Мицкоски.
Алиу досега посебно се ангажираше околу унапредувањето на здравствениот систем при што како последен проект стори пребројување на медицинскиот кадар во земјава и најави негово прераспределување по општините каде што има недостиг на специјалисти. Најави и евидентирање на медицинските уреди за прегледи на пациенти, но и промени во однос на давањето на специјализации на млади лекари. Најави и реформи во системот „Мој термин“, кој се планира да добие јасни протоколи за закажувања на прегледи. Сега, по само пет месеци во ресорот, за Алиу се најавува прекомандување во фотелјата на првиот човек на Агенцијата за електронски телекомуникации.
Државната агенција МИА завчера објави дека во коалицијата „Вреди“ е веќе постигнат договор со кој Башким Бакиу ќе биде предложен за нов министер за здравство, а еден од претходните министри во овој ресор, Беким Сали, е номиниран за вицепремиер и за министер за евроинтеграции. Ресорот за животна средина, пак, ќе му припадне на Мухамед Хоџа, поранешен портпарол во претходните македонски влади.
Инаку, Бакиу сега ја извршува функцијата на директор на Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи – универзитетски клиники. Односно, поранешна служба за Општи и заеднички работи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Во негова биографија е наведено дека е магистер по компаративен локален развој, дека бил практикант во македонското Собрание, работел седум години како аналитичар во Центар за Истражување и Креирање политики, а две години и во меѓународната организација УНДП и дека бил консултант во Министерство за локална самоуправа и во Министерството за правда. На неодамна завршените локални избори, тој беше и кандидат на коалицијата „Вреди“ за скопски градоначалник, при што даваше своја визија за развојот на македонската метропола.
– Во институцијата со која раководам, научив дека успехот е можен единствено таму каде што постојат ред, транспарентност и одговорност. Токму овие три принципи сакам да ги пренесам и во управувањето со градот. Најголемиот проблем на Скопје не е само сообраќајот, загадувањето или недостатокот на зеленило – тие се симптоми. Коренот на проблемот е хроничното лошо управување, отсуството на стратегиско планирање и политизацијата на секоја одлука. Денес гледаме град кој се задушува од неконтролирани градби и нефункционални решенија – е одговорот што Бакиу го даде во неодамнешно интервју на прашањето како еден директор на јавна установа од областа на здравството планира да го среди градот.
Доколку биде избран Бакиу, сигурно, ќе ги даде своите визии за развојот на здравството. Но, остануваат дилеми дали започнатата практика лекари веќе да не се министри за здравство ќе продолжи и натаму? Во повеќе европски земји има различни искуства со кои со овој важен ресор управувале и лекари, но и лица со добри менаџерски способности. Експертите кои со години се занимаваат со здравствените политики во земјава сметаат дека со оглед на тоа што здравството е многу комплексно и сензитивно како ресор и што претрпело многу потреси во минатото, потребна е посебна личност што ќе го води.
– Затоа, потребен е министер сега и веднаш, кој или добро го познава здравството (обично им требаат неколку месеци да навлезат во суштината) или добар менаџер кој ќе го подигне до првото скалило. Добро е да ги поседува и двете особини. Но, добар менаџер ќе знае да собере околу себе искусен тим советници. Брзата смена на министри не само што не е добра туку и ќе донесе последици кои ќе бидат видливи за година-две – изјавува за весникот ВЕЧЕР Менче Точи, новинарка која долги години ја следи здравствената политика.
Таа додава дека тоа што Бакиу сега е директор на Заеднички служби може да му помогне само околу режиските трошоци и околу одредени потреби на клиниките.
– Прашањето е што постигнал и на оваа функција, дали е направена анализа. Здравството не треба да биде сцена на брзи партиски договарања, па на кого ќе му падне паричката. Тоа може да биде погубно за овој систем, кој со години е на стаклени нозе – предупредува таа. (Б. Ѓ.)












