САД ја преземаат истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“ над Македонија, откако за време на летот се откачил прозорец до едно од патничките седишта. Од македонскиот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) за МИА информираа дека побарале истрагата да биде делегирана на Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (НТСБ), кој сега ќе го координира целокупниот процес, а ќе учествуваат и претставници од КИНСАВ.
Претседателот на Комитетот, Марјан Прпоски, вели дека веднаш по добивањето на известувањето за настанот, кој бил пријавен во петокот во 13:20 часот, биле активирани процедурите согласно со националните и меѓународните воздухопловни прописи. За инцидентот биле известени Француското биро за истраги и анализи на безбедноста на цивилното воздухопловство (БЕА), Грчката агенција за истрага на несреќи и сериозни инциденти, Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (НТСБ), како и Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО).
Авионот на „Рајанер“ при прелетот над Македонија на релацијата од Солун до Меминген, бил принуден да се врати на солунскиот аеродром кратко по полетувањето, откако за време на летот се откачил прозорец до едно од патничките седишта. Од авиокомпанијата соопштија дека леталото безбедно слетало во Солун, а патниците биле пренасочени кон терминалната зграда. При инцидентот еден патник бил полесно повреден и по слетувањето побарал медицинска помош.
„Рајанер“ информираше дека за да се намали доцнењето бил обезбеден заменски авион, со кој патниците продолжиле кон крајната дестинација Меминген. Заменскиот лет, според соопштението на авиокомпанијата објавено во грчките медиуми, полетал од Солун во саботата во утринските часови.
Истрагата треба да ги утврди причините и околностите под кои дошло до откачување на дел од прозорецот, како и евентуалните пропусти во одржувањето или техничката исправност на леталото.












