Скопјани дојдени на концертот „Старс симфони“ на битолскиот Камерен оркестар, во салата „Борис Трајковски“, играа на латино, поп, рок, метал песните кои музички го означија крајот на минатиот век, но и сè уште се вртат на радиостаниците будејќи емоции и носталгија за едно, од оваа перспектива, порелаксирано време. Во вториот дел од концертот, оние најупорните пак, уживаа во изведба на германскиот диџеј, мајстор на електронската музика Шилер, познат по хитот „I Feel You”
Најголемите Ем-ти-ви (MTV) хитови од 80-тите и 90-тите години, изведени од битолскиот Камерен оркестар на чело со диригентот Владимир Димовски, а исполнети од повеќе наши реномирани пејачи, ја разиграа публиката, која дојде синоќа, во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, да се потсети на времето кога генерациите растеа со квалитетна музика.
Скопјани дојдени во различни генерации играа на латино, поп, рок, метал песните кои музички го означија крајот на минатиот век, но и сè уште се вртат на радиостаниците будејќи емоции и носталгија за едно, од оваа перспектива, порелаксирано време.
Ем-ти-ви и електронската симфонија на битолскиот Камерен оркестар насловена „Старс симфони“ (Star’s Symphony) траеше околу три и пол часа и ги исполни сетилата на публиката и од аудио и од визуелен аспект.
Концертот стартуваше со песната „Porcelain“ на Моби, а вечерта почна да се загрева во латино стил со Мадона (La Isla Bonita), Рики Мартин, следуваа: Бритни Спирс (Hit Me Baby One More Time), Кулио (Gangsta’s Paradise), Сем Браун (Stop).
За љубителите на метал, рок, електронската музика беа исполнети Аеросмит (I Don’t Want to Miss a Thing), Дејвид Боуви и Квин (Under Pressure) Guns N Roses (Sweet Child O Mine), Faithless (Insomnia), Нирвана (Smells Like Teen Spirit), The Prodigy (Firestarter). На задоволство на публиката беа изведени и Витни Хјустон (I Wanna Dance With Somebody) и Тина Тарнер (The Best).
На сцената своите вокални способности само ги потврдија нашите пејачи Андријана Јаневска, Наде Талевска, Викторија Лоба, Јана Бурческа, Полина Тасева, Лара Иванова, Ана Петановска, Јасна Димитровска, Мила Николовска, Теодора Матеска, Кристина Жечкова, како и Огнен Димовски и Горан Наумовски и на најдобар начин и со многу енергија ѝ ги донесоа на публиката познатите песни. Ги дополни и поп-рок хорот „Битвокс“.
Во вториот дел од концертот, настапи германскиот диџеј, мајстор на електронската музика, Шилер познат по хитот „I Feel You”. Заедно со битолскиот Камерен оркестар и одличната вокална интерпретација на Наде Талевска и баритонот Драган Микаровски приредија прекрасна електронска симфонија, која, за жал, дел од публиката не ја почувствува, бидејќи си замина.
Неколкучасовниот концерт и амбиентот на спортска сала можеби скопската публика не можеше да го издржи, што го реактуелизира прашањето дека Скопје нема соодветна концертна сала, но и дека секој од музичките жанрови и стилови можеби си бара специфичен простор и публика.
Настанот беше во организација на битолскиот Камерен оркестар IWConnect, а зад целата продукција и идеја е диригентот Владимир Димовски. (Н.И.Т.)