Дојде уште едно барање за правда по пресудата за несреќата во модуларната болница во Тетово, кога, на повтореното судење, Судот ги прогласи за виновни директорите и болницата за огнената хаварија. Судијата Реџеп Муса им изрече затворска казна од по една година и шест месеци на Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово, и на Артан Етеми, економски директор на болницата, за пожарот на 8 септември 2021, при што загинаа 14-мина пациенти и членови на семејствата, а тетовската болница треба да плати казна од над 16 000 евра. За семејствата на жртвите и на повредените, правдата не е задоволена бидејќи вистинските виновници се шетаат на слобода.
– Да одиме по математика, да ги ставиме тие 14 жртви, тоа изнесува по еден месец затвор за секој загинат. Ние не сме задоволни од ваквата пресуда и ќе продолжиме натаму со жалба. Пред Судот требаше да дојдат и министерот Филипче, Анѓушев, фирмата „Брако“, за инсталацијата на струјата што ја ставаа во модуларната. Тие треба да бидат виновни за оваа трагедија, ама државата одлучи Флорим Бесими и Артан Етеми да бидат казнети на по една година и шест месеци. Не викам дека нема вина и кај нив, ама вината е погоре – изјави Мумин Исмаили, член на оштетено семејство.
Обвинетиот Флорим Бесими смета дека му е нанесена неправда бидејќи е обвинет за недостиг на ПП-апарати, а тие што го граделе објектот – не одговараат за трагедијата.
– Ова судење не беше за да се открие вистината, ниту да се најдат виновниците за оваа трагедија, зошто настанал пожарот, кој е одговорен за изградба на објектот што изгори, кој дозволи да бидат ставени животите на луѓето во опасност. Не, ова судење се претвори во склоп на вина, против оние што ниту имале моќ ниту одговорност за оваа трагедија. Мене ме обвинија за недостиг на противпожарни (ПП) апарати, а во постапка докажавме дека имало противпожарни апарати, иако гледате дека не сум се потпишал на ниту еден документ за таков објект, но не го зедоа тоа предвид. Ова е навистина неправда, иако некои од сведоците тврдеа дека имало ПП- апарати, иако видовме со очи дека не можеше да се изгасне тој пожар со ниту еден рачен ПП-апарат. Ова е бегање од вистината. Јас не барам милост, јас барам правда за жртвите и за мене. Барам вистината да излезе на виделина, семејствата на жртвите не заслужуваат погрешно објаснување и лажен виновник. Тие заслужуваат да ја знаат вистината – изјави Флорим Бесими.
На првото судење, директорите на болницата беа осудени на условна казна од една и пол година, а правното лице да плати еден милион денари.