Израел денес дозволи камиони со храна за бебиња да влезат во Газа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи, по најавата на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека ќе биде дозволена мала количина помош по двомесечна блокада.
„Денес, Израел го олесни влезот на камиони со храна за бебиња во Газа. Во наредните денови, Израел ќе го олесни влезот на десетици камиони со помош“, изјави Деден Бар-Тал, генерален директор на израелското Министерство за надворешни работи, пред новинарите на прес-конференција во Ерусалим.
Кога беше прашан колку камиони влегле, портпаролот на министерството рече дека мора да провери со Когат, телото на Министерството за одбрана кое ги надгледува цивилните операции во Газа и окупираниот Западен Брег.
Тој додаде дека идејата е да се испрати голем број камиони во наредните денови.
Со недели, агенциите на ОН и меѓународните невладини организации присутни во Газа пријавуваат недостиг од храна, вода за пиење, гориво и лекови на палестинската територија, која е во војна повеќе од 19 месеци.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес предупреди за растечкиот ризик од глад во Појасот Газа, каде што рече дека два милиони луѓе веќе гладуваат.
Под меѓународен притисок поради блокадата што ги изгладнува Палестинците во Газа, Израел во неделата објави дека ќе дозволи ограничена хуманитарна помош да продолжи, а истовремено ќе започне големи копнени операции во Газа.
Одлуката да се дозволи помош на палестинската територија, повеќе од два месеци откако Израел воведе блокада на Газа на 2 март, е „тешка, но неопходна“, според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.