По неодамнешниот договор за прекин на огнот, светиот град одлучи да ја одржи прославата оваа година, симболично најавувајќи го осветлувањето на традиционалната џиновска божиќна елка пред Црквата на Христовото раѓање.
За време на двегодишната војна во Газа, сите јавни божиќни прослави беа откажани во Витлеем, на окупираниот Западен Брег, каде што христијаните веруваат дека е роден Исус, пишува „Би-би-си“.
„Беа лоши две години тишина; нема Божиќ, нема работни места, нема работа“, вели градоначалникот на Витлеем, Махер Канавати. „Сите живееме тука од туризам, а туризмот беше сведен на нула.“
Градоначалникот признава дека идејата за продолжување на прославите не била без контроверзии, бидејќи страдањето продолжува во Газа – вклучително и за оние во нејзината мала христијанска заедница, од кои многумина имаат роднини во Витлеем.
„Некои може да кажат дека не е учтиво, други ќе кажат дека е“, ми вели Канавати.
„Но, длабоко во себе чувствувам дека ова е правилното нешто што треба да се направи бидејќи Божиќ никогаш не треба да се запре или откаже. Ова е зрак надеж за нас.“
Мештаните, и христијани и муслимани, застануваат да се фотографираат пред елка украсена со црвени и златни украси. Ним им се придружуваат неколку странски туристи.
Шарени светла ги красат улиците, а може да се видат и реклами за божиќни базари и детски забави.
„Среќни сме што имаме елка, за почеток, што гледаме странци во Витлеем и што можеме да го прославиме Божиќ на вистински начин“, вели Надја Хазбун, дизајнерка на накит од Витлеем.
„Сè започна тука, и оттука можеме да испратиме порака до светот за тоа каков треба да биде Божиќ. Оваа година, ако Божиќ е мирен, се надевам дека ќе испрати добра порака до светот.“
Хотелите, кои беа претежно празни во последните две години, очекуваат Палестинци од Израел и странски посетители оваа година.
„Мислам дека секој треба да дојде барем еднаш во животот“, ми вели таа.
„Се надевам дека многу луѓе ќе се вратат, бидејќи е тажно без туристи. Единственото добро е што нема долги редици, можете да посетите повеќе места. Кога дојдов претходно, мораше да чекате во ред барем неколку часа.“
Продавниците за сувенири раштркани низ Витлеем се претежно празни, а туристичките водичи стојат неактивни пред Црквата на Христовото раѓање, која датира од четвртиот век.
Хамза, туристички водич, е загрижен бидејќи мисли дека медиумското известување ги тера луѓето да веруваат дека ситуацијата е сè уште опасна.
Тој мисли дека е безбедно.
„Ова е туристички град, без туризам нема живот“, се жали Хамза.
„Се надеваме дека луѓето ќе дојдат кај нас како порано: од Европа, од Блискиот Исток, од Америка. Почнавме со палење на елката и сега чекаме“, вели тој.
Невработеноста во Витлеем драстично се зголеми во последните две години.
Од нападот на „Хамас“ во октомври 2023 година, кој ја предизвика војната, на десетици илјади палестински работници од Западниот Брег им е забрането да влегуваат во Израел и неговите населби за да работат.
Палестинската самоуправа (ПА), која управува со Западниот Брег, во меѓувреме исплати само половина од платите на своите државни службеници.
ПА се потпира на даночните приходи собрани од Израел, кои израелските власти ги задржуваат во износ од 1,76 милијарди долари, според Агенцијата за трговија и развој на Обединетите нации.
Израел вели дека ги задржува овие пари затоа што Палестинската самоуправа им плаќа на палестинските затвореници, што пак ги поттикнува нападите врз Израелците.
Тешката економска ситуација значи дека за многу палестински христијани ова ќе биде скромен Божиќ.
Додека тензиите остануваат високи низ целиот регион, луѓето во Витлеем велат дека се молат за мир и се надеваат дека туристите ќе се вратат на местото каде што се верува дека потекнува Божиќ, пишува „Би-би-си“.












